Треба да се адресира ризикот од вештачката интелигенција за националната безбедност, рече Бајден

Ризиците од вештачката интелигенција за националната безбедност и економија треба да се адресираат, изјави денес американскиот претседател Џо Бајден, додавајќи дека ќе побара стручен совет.

„Мојата администрација е посветена на заштита на правата и безбедноста на Американците додека ја штити приватноста, на справување со пристрасност и дезинформации, за да се осигура дека системите со вештачка интелигенција се безбедни пред да бидат пуштени“, рече Бајден на настан во Сан Франциско.

Бајден се сретна со група лидери и застапници на граѓанското општество, кои претходно го критикуваа влијанието на големите технолошки компании, за да разговараат за вештачката интелигенција.

„Сакав да слушнам директно од експертите“, рече тој.

Неколку влади размислуваат како да ги ублажат опасностите од новата технологија, која доживеа бум во инвестициите и популарноста кај потрошувачите во последниве месеци по објавувањето на ЧетГПТ на „OpenАИ“.

На состанокот на Бајден беа Тристан Харис, извршен директор на Центарот за хумана технологија, основачот на Алгоритамската лига за правда Џој Буламвини и професорот од Универзитетот Стенфорд Роб Рајх.

Регулаторите на глобално ниво се обидуваат да изготват правила со кои се регулира употребата на генеративната вештачка интелигенција, која може да создава текст и слики, и чие влијание е споредено со она на интернетот.

Бајден, исто така, неодамна разговараше за прашањето за вештачката интелигенција со други светски лидери, вклучувајќи го и британскиот премиер Риши Сунак, чија влада подоцна оваа година ќе го одржи првиот глобален самит за безбедноста на вештачката интелигенција.

Се очекува Бајден да разговара на оваа тема со индискиот премиер Нарендра Моди за време на неговата тековна посета на САД.

Пратениците на Европската Унија минатата недела се согласија на измените во нацрт-правилата за вештачка интелигенција предложени од Европската комисија во обид да се постави глобален стандард за технологија што се користи во сè, од автоматизирани фабрики, самоуправувачки автомобили до четботови.

Извор: Ројтерс