Линкови за пристапност

Направете нешто ако вештачката интелегенција е ризик за човештвото, повика Агенцијата за сајбербезбедност на САД


Ако навистина мислите дека овие способности можат да доведат до изумирање на човештвото, добро, ајде да се собереме и да направиме нешто околу тоа, рече директорката Џен Истерли
Ако навистина мислите дека овие способности можат да доведат до изумирање на човештвото, добро, ајде да се собереме и да направиме нешто околу тоа, рече директорката Џен Истерли

Директорката на водечката американска агенција за сајбербезбедност Џен Истерли ги предупреди научниците и врвните претставници на технолошките компании кои велат дека вештачката интелигенција може да доведе до крајот на човештвото, повикувајќи „преземете акција“.

„Ако навистина мислите дека овие способности можат да доведат до изумирање на човештвото, добро, ајде да се собереме и да направиме нешто околу тоа“, рече Истерли од Агенцијата за сајбербезбедност и инфраструктура.

„Додека се обидуваме да воспоставиме регулаторна рамка, размислете за саморегулација“, рече таа на настанот на Axios News Shapers во Вашингтон.

„Размислете што можете да направите за да го забавите ова“.

Нејзините коментари доаѓаат само еден ден откако повеќе од 350 истражувачи и технолошки директори издадоа предупредување со една реченица за опасностите од вештачката интелигенција.

„Ублажувањето на ризикот од изумирање од вештачката интелигенција треба да биде глобален приоритет заедно со другите општествени ризици, како што се пандемии и нуклеарна војна“, велат тие во објавата на веб-страницата на Центарот за безбедност на вештачката интелигенција.

Оние кои се потпишаа на предупредувањето го вклучија коосновачот и извршен директор на „ОпенЕјИ“, компанијата зад „ЧетЏиПиТи“, главниот технолошки директор на Мајкрософт, извршниот директор на истражувачката лабораторија за вештачка интелигенција на Гугл и Џефри Хинтон, понекогаш наречен „кум на вештачката интелигенција“.

Хинтон, ја напушти својата работа во Гугл во мај за да се фокусира на предупредување на другите за опасностите од вештачката интелигенција.

Претставниците на американската влада, како Истерли, исто така, предупредуваат за опасностите што ги носи вештачката интелигенција.

„Вештачката интелигенција ќе биде најмоќната способност на нашето време“, им рече Истерли на студентите од Универзитетот Вандербилт за време на говорот претходно овој месец.

„Верувам дека тоа ќе биде и најмоќното оружје на нашето време“, додаде таа.

„Додека едно лице ќе ја користи оваа технологија за да планира вечера, друго ќе ја користи способноста да планира сајбернапад или терористички напад“.

Истерли претходно повика на „паметна регулација“ на технологијата и производите со вештачка интелигенција, предупредувајќи дека технолошките компании, како и другите технологии, се премногу фокусирани на брзо пласирање на производите со вештачка интелигенција и не посветуваат доволно внимание на безбедноста.

Претходно во мај таа рече дека Агенцијата за сајбербезбедност и инфраструктура разговарала со технолошки компании за иднината на вештачката интелигенција.

Во април, Одделот за домашна безбедност покрена сопствена иницијатива за преземање на опасностите од вештачката интелигенција.

„Мораме да се справиме со многуте начини на кои вештачката интелигенција драстично ќе го промени пејзажот на заканите и ќе го зголеми арсеналот на алатки што ги поседуваме за да успееме во соочувањето со овие закани“, рече тогаш секретарот за домашна безбедност Алехандро Мајоркас.

XS
SM
MD
LG