Нови напади во Сирија додека продолжуваат дипломатските напори

Нови напади во Сирија додека продолжуваат дипломатските напори

„Секој нов ден полошо е од претходниот“, вели активист во разговор за Гласот на Америка.

Владините сили на Сирија продолжија со нападите врз градот Хом и неколку други бунтовнички области во земјата, додека поделените светски сили имаат проблем – како да стават крај на растечкото насилство против востанието што трае веќе 11 месеци.

Хом го потресол артилериски напад в зори. Цел биле населбите што ги заштитува бунтовничката Слободна сириска армија. Загинале најмалку 57 лица.

Активисти за човекови права наведуваат дека загинале стотици од почетокот на офанзивата во саботата. Неколку населби во Хом наводно се без вода и електрична енергија, а основните намирници се при крај.

Гласот на Америка разговараше со активист во Хом кој тврди дека владиниот напад не попушта и дека секое излегување на улица може да заврши кобно.

„Секој нов ден е полошо од претходниот - нови убиени, нови повредени, нови разрушени згради“, вели тој, додавајќи дека болниците се преплавени со лица кои бараат помош.

Тврдења за натамошно насилство доаѓаат и од Забадани и Дара. Бројот на загинати не може да биде потврден, бидејќи Сирија го ограничува независното известување.

Секташките поделби се во пораст, со бројот на убиства од обете страни. Сириските власти ги обвинуваат терористите за целата ситуација и нападите во последните неколку дена.

Генералниот секретар на Он Бан Ки-мун вчера најави дека размислува за испраќање на заедничка екипа на ОН и Арапската лига во Сирија за да ја набљудува ситуацијата. Според Ки-мун, неговиот колега од Лигата Набил Алараби му кажал дека организацијата планира да испрати свои набљудувачи во Сирија. Лигата кон крајот на јануари ги повлече набљудувачите од земјата во знак на протест против континуираната акција на сириските владини сили против демоснтрантите кои бараат крај на 11-годишното автократско владеење на претседателот Башар ал-Асад. Мисијата започна во декември, во рамки на спогодбата со Дамаск да стави крај на насилството.

Ал-Асад вети дека ќе го назначи потпретседателот Фарук ал-Шара да води дијалог со опозицијата, но таа одби да разговара. Агенцијата Асошиетед прес пренесува виш претставник на Арапската лига дека организацијата со седиште во Каиро во недела ќе расправа дали да го признае опозициониот Сириски национален совет како легитимен претставник на Сирија.

Либија денес соопшти дека им дала на сирискиот амбасадор и неговиот персонал 72 часа да ја напуштат земјата. Германија најави дека ќе ги протера сириските дипломати од амбасадата во Берлин откако властите упасија две лица осомничени за шпионирање на сириските опозиоциони групи.

Кина, која се приклучи на Русија во ветото на резолуцијата на ОН за Сирија, вели дека сака да ги продолжи контактите со сириски активисти откако опозициона делегација го посети Пекинг минатата недела. Москва, која е енергичен поддржувач на Дамаск, инистира дека решението за крај на крвопролевањето мора да дојде од Сирија, а не однадвор.

Турската влада најави дека е подготвена да биде домаќин на меѓународна конференција за поддршка на сирискиот народ. Министерот за надворешни работи Ахмет Давутоглу е во Вашингтон, на средби со конресни водачи и државната секретарка Хилари Клинтон.

Вашингтон ја истражува можноста за организирање на хуманитарна помош за Сиријците во соработка со сојузниците во регионот. Западните сили и арапските земји во повеќе наврати истакнаа дека не сакаат да интервенираат армиски во судирот.


Американскиот претседател Барак Обама на 4-ти февруари изјави дека граѓаните на Сирија треба да знаат дека САД се со нив, и дека на режимот на Асад мора да му дојде крај.
Рускиот премиер Владимир Путин го осуди насилството, „без оглед од каде доаѓа”. На 8-ми февруари изјави дека надворешните сили треба да дозволат Сиријците „независно“ да го решат нивниот конфликт.
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган на 7-ми февруари кажа дека неуспехот на Советот за безбедност на ОН да донесе резолуција за притисок врз Сирија бил фијаско.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун на 6-ти февруари рече дека ниедна влада не може да го напаѓа сопствениот народ, „а притоа да не ја изгуби легитимноста”.
Високиот комесар на ОН за човекови права Нави Пилај повика на итна меѓународна акција за заштита на цивилите во Сирија, велејќи дека е “вџашена” од „намерниот напад на градот Хомс”.
Францускиот министер за надворешни работи Ален Жипе на 8-ми февруари кажа дека ветувањата на Асад за реформи не се ништо друго освен манипулација на која не треба да се верува.
Британскиот премиер Дејвид Камерун на 8-ми февруари изјави дека Русија и Кина со ветото на резолуцијата на ОН за Сирија се поставиле наспроти арапското и светското гледиште.