САД ја затворија амбасадата во Сирија и ги повлекоа преостанатите дипломати, наведувајќи ја како причина влошената безбедносна ситуација. До овој чекор дојде во време кога владините сили го засилија нападот врз градот Хом.
Стејт департментот денес соопшти дека сите функции на амбасадата прекинале и дека амбасадорот Роберт Форд и останатиот персонал ја напуштиле земјата. САД минатиот месец предупредија дека ќе ја затворат мисијата во Дамаск освен доколку сириската влада не се справи со безбедносните прашања, меѓу кои безбедноста на американскиот персонал.
Потегот само дополнително ја изолира владата на претседателот Башар ал-Асад во врска со нападите врз противвладините демонстранти, во време кога во земјата избива ново насилство и продолжува крвопролевањето.
Сириски активисти за човекови права јавуваат дека во Хом загинале најмалку 24 лица, а многу повеќе се повредени, во континуирана акција на владините сили врз градот. Во артилерискиот напад биле погодени полска болница и домови. Неколку области на градот, како Баба Амр се под контрола на противвладините бунтовници.
Државната сириска агенција САНА јави дека во Хом експлодирал нафтовод, обвинувајќи ги „терориистичките банди“. Владата порекнува дека врши артилериски напад.
Нема независна потврда на жртвите, бидејќи сириските власти го ограничуваат независното известување во земјата.
Најновото насилство се случи само неколку дена откако активистите јавија за, како што наведуваат, масакрот во Хом. Тие тврдат дека најмалку 200 лица загинале во бомбардирањето од страна на владините сили петокот ноќта - саботата наутро, еден од најкрвавите инциденти во 11-месечниот револт. Хом стана централна точка на отпорот против владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Кина денес повторно ја бранеше својата одлука да стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност со која ќе се одобреше планот на Арапската лига претседателот Асад да ја предаде власта. Кинеското Министерство за надворешни работи ја отфрли критиката дека го поддржува режимот на Асад во конфликтот.
Кина и Русија ставија вето на резолуцијата што ја подржаа западните и арапските земји. Западните земји, пак, го критикуваа потегот на Пекинг и Москва.
Русија вели дека се решила на таков чекор бидејќи резолуцијата ја разбира како ултиматум за отстранување на Асад, единствениот армиски сојузник на Москва на Блискиот Исток. Кина соопшти дека ставила вето за да се спротистави на она што го смета за обид за смена на режимот во Сирија со помош на сили однадвор, спротивно на меѓународните норми.
Американската државна секретарка Хилари Клинтон го осуди двојното вето како дволичност и најави дека САД ќе соработуваат со сојузниците надвор од ОН за да ги зајакнат регионалните и национални санкции потив Сирија.
Сириското востание против автократското владеење на Асад едскалираше последниве месеци и прерасна во отворен судир меѓу бутновниците и силите лојални на претседателот. ОН минатиот месец проценија дека загинале најмалку 5.400 лица, но потоа прекина да ја обновува бројката поради потешкотии да дојде до нови информации.