Се чувствувам како да ги бранам правата на сите Американци, рече Џулијани кој се предаде во Џорџија

На Џулијани, поранешен федерален обвинител и градоначалник на Њујорк, му беше наложено да плати кауција од 150.000 долари

Поранешниот личен адвокат на Доналд Трамп Рудолф Џулијани денес се предаде во затвор во округот Фултон во Џорџија за да се соочи со државни обвиненија кои произлегуваат од дејствијата за кои беше обвинет дека ги презел за да ја поништи загубата на поранешниот претседател на САД на изборите во 2020 година.

На Џулијани, поранешен федерален обвинител и градоначалник на Њујорк, му беше наложено да плати кауција од 150.000 долари и да не заплашува ниту еден од неговите 18 коообвинети или сведоци во случајот, според судските документи.

Седум други од обвинетите на Трамп во кривичниот случај што го покрена окружниот обвинител на округот Фултон Фани Вилис, веќе се предале во затвор во Атланта, според окружните записи.

Трамп, фаворит за републиканската номинација во 2024 година за да го предизвика демократскиот претседател Џо Бајден, продолжува лажно да тврди дека неговиот пораз е резултат на измама.

Говорејќи во Њујорк пред да лета за Атланта, Џулијани негираше дека сторил нешто лошо и го бранеше Трамп.

„Се чувствувам многу, многу добро поради тоа бидејќи се чувствувам како да ги бранам правата на сите Американци“, изјави Џулијани за новинарите.

„Јас ја кажувам вистината, тие лажат“.

Трамп треба да се предаде в четврток за да се соочи со своето четврто кривично обвинение оваа година.

Останатите 10 кообвинети наведени во обвинението во Џорџија имаат рок до петок да се предадат.

Извор: Ројтерс