САД велат дека очекуваат разговорите за прекин на огнот во Газа да продолжат

Палестински деца седат пред медицински шатор во централниот дел на појасот Газа

САД очекуваат мировните разговори за Газа да се одвиваат како што е планирано, соопшти Стејт департментот, додавајќи дека верува оти договорот за прекин на огнот останува можен дури и откако Хамас фрли сомнеж дали ќе учествува на состанокот в четврток, свикан од посредниците.

Палестинската милитантна група Хамас во неделата побара од посредниците да претстават план заснован на претходните разговори наместо да се вклучат во нови преговори за договор за прекин на огнот во Газа.

Минатата недела, лидерите на САД, Египет и Катар ги повикаа Израел и Хамас да се сретнат за преговори на 15 август, или во Каиро или во Доха, за да го финализираат договорот за прекин на огнот во Газа и за ослободување заложници.

Заменик-портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател, зборувајќи за новинарите на редовниот брифинг вчера, рече дека САД целосно очекуваат разговорите да продолжат и дека ќе продолжат да работат со вклучените страни, додавајќи дека договорот е сè уште можен.

„Целосно очекуваме разговорите да се придвижат напред, како што треба. Сите преговарачи треба да се вратат на маса и да го склучат овој договор“, рече Пател.

Пател одби да каже дали разговорите ќе се одвиваат без Хамас, или дали Вашингтон работи со регионалните партнери за да обезбеди нивно учество или не.

Претседателот Џо Бајден изнесе трифазен предлог за прекин на огнот во обраќањето на 31 мај.

Вашингтон и регионалните посредници оттогаш се обидоа да го постигнат договорот, но постојано наидуваат на пречки.

Израел го започна својот напад врз Газа откако борците на Хамас упаднаа во јужен Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе, главно цивили, и заробувајќи повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.

Оттогаш, речиси 40.000 Палестинци се убиени во израелската офанзива во Газа, според Министерството за здравство.