САД тесно соработуваат со партнерите од ЕУ да најдат дипломатско решение за настаните во Косово, вели Белата куќа

Јасно укажавме дека нормализацијата на односите, учеството во демократските процеси и почитувањето на владеењето на правото ќе придонесат за стабилноста и безбедноста на северот на Косово, се вели во одговорот на Белата куќа до српската редакција на Гласот на Америка

Американската администрација ја дели загриженоста на Конгресот поради зголемените тензии на северот на Косово, се наведува во одговорот на Белата куќа за српската редакција на Гласот на Америка, во врска со писмото на американските сенатори упатено до претседателот Џо Бајден поради неодамнешните тензии меѓу Србија и Косово.

„Американските владини претставници, вклучително и Белата куќа и Стејт департментот, тесно соработуваат со партнерите од Европската Унија за да најдат дипломатско решение за неодамнешните настани. Тие побараа од лидерите на Косово и Србија да деескалираат, како и повторно да се фокусираат на спроведувањето на договорот за нормализација што беше потпишан во текот на годината“, се вели во одговорот на портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.

„Јасно укажавме дека нормализацијата на односите, учеството во демократските процеси и почитувањето на владеењето на правото ќе придонесат за стабилноста и безбедноста на северот на Косово“, се вели во одговорот на Белата куќа.

Американската сенаторка Џин Шахин, претседавачка со Поткомитетот за надворешни работи на Сенатот за Европа и регионална безбедносна соработка, заедно со двопартиска група законодавци, испратија писмо до претседателот Џо Бајден, во кое се бара „администрацијата да даде приоритет на решавање на влошената безбедносна ситуација меѓу Косово и Србија“.

Покрај Шахин, писмото го потпишаа сенаторите Крис Марфи, Крис Ван Холен, Бен Кардин, Пит Рикетс, Том Тилис, Питер Велч и Дик Дурбин.

„Ние пишуваме за да ја изразиме нашата искрена загриженост во врска со влошената ситуација на северот на Косово, каде што неодамнешното српско насилство врз косовските сили на НАТО (КФОР) во северно Косово повреди речиси 40 мировници на НАТО. Од тие напади, ние сме вознемирени од одлуките донесени од двете влади на Косово и Србија кои продолжуваат да ескалираат наместо да ги деескалираат тензиите“, напишаа сенаторите во писмото.

Сенаторите нагласија дека „ние сме особено загрижени за континуираната безбедност и благосостојба на речиси 600 американски војници кои служат во рамките на КФОР. Ги цениме дипломатските напори на САД за деескалација на кризата, но овие напори особено не беа возвратени од Косово“.

Сенаторите го повика претседателот да го изврши целиот дипломатски притисок за да се стави крај на актуелната криза и да се продолжи напредокот во Охридскиот договор.

„Конкретно, сенаторите заеднички изразија поддршка за предлогот на Европската Унија за намалување на тензиите меѓу Србија и Косово. Законодавците го охрабрија претседателот да размисли за одложување на странските воени продажби доколку двете страни не се обврзат на предлогот на ЕУ и побараа од администрацијата на Бајден да достави извештај до Сенатот на САД за актуелната безбедносна ситуација на северот на Косово за да се осигура дека сите активности се преземени за да се зачува безбедноста на американските сили кои учествуваат во КФОР“.

Сенаторите, исто така, споделија дека активностите од страна на Конгресот, вклучително и преглед на билатералните средства и годишните овластувања, ќе бидат преиспитани доколку и Косово и Србија не успеат да покажат воздржаност и да работат на деескалација на безбедносната ситуација.

Двопартиското писмо доаѓа по заедничката изјава на Шахин, Марфи, Ван Холен, Кардин, Рикетс и Тилис претходно овој месец, во која се повикува на смиреност меѓу косовските и српските сили.

Шахин, Марфи и Рикетс, исто така, неодамна разговараа со премиерот Курти, повикувајќи го на истото.

Во март, Шахин, Тилис, Марфи и Ван Холен издадоа заедничка изјава за привремениот договор постигнат меѓу Србија и Косово.

Шахин ги посети Косово и Србија минатиот април, како дел од посетата на конгресната делегација на Балканот, која вклучуваше и посета на Босна и Херцеговина.

На повик на Шахин, Комитетот за надворешни односи на Сенатот минатиот месец одржа сослушување за Западен Балкан, што се случи по обновениот двопартиски притисок на Шахин да го унапреди нејзиното законодавство што ќе ја промовира соработката меѓу САД и Западен Балкан.

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен повика на деескалација на тензиите со Косово за време на вчерашниот разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Секретарот ја поздрави веста за ослободување на тројцата косовски полицајци. Секретарот, исто така, повтори дека одговорните за нападите врз Косовските сили (КФОР), меѓународните мировни сили предводени од НАТО на Косово, треба да бидат повикани на одговорност“, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Во соопштениeто се нагласува „континуираната поддршка на САД за планот од три точки на ЕУ и ја повика Србија веднаш да преземе чекори за да ги спроведе своите обврски од договорот за нормализација“.

Минатата недела, како што пренесе Асошиетед прес, лидерите на Србија и Косово не постигнале напредок во вонредните разговори чиj домаќин беше ЕУ, со цел да се смират тензиите околу нивната граница.

Вишиот дипломат на Европската унија Жозеп Борел, рече дека се согласува за потребата од предвремени избори поради стравувањата од враќање на отворениот конфликт.

Србија и нејзината поранешна покраина Косово се во судир со децении. Војната од 1998 до 1999 година остави повеќе од 10.000 загинати, главно косовски Албанци.

Белград одби да ја признае Декларацијата за независност на Косово во 2008 година.

„Мислам дека двајцата лидери ја разбираат сериозноста на ситуацијата“, рече тогаш Борел по повеќечасовните разговори со косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Двајцата лидери одбија да се сретнат лице в лице во Брисел, но одржаа одделни разговори со Борел.

Тој призна дека тие имаат „различни толкувања на причините, а исто така и на фактите, последиците и решенијата“.

Тензиите повторно се разгореа минатиот месец откако косовската полиција влезе во локалните општински згради во северно Косово, каде Србите претставуваат мнозинство, за да постави градоначалници етнички Албанци кои беа избрани на локалните избори, на кои Србите со големо мнозинство ги бојкотираа.