Реакциите на обвинението против поранешниот претседател Доналд Трамп беа предвидливи со оглед на острите поделби во американската политика и општество. Неговите колеги републиканци тврдат дека истрагата била политички мотивирана, додека демократите велат дека никој не треба да биде над законот.
Дури и потенцијалните противници на Трамп во Републиканската партија излегоа во негова одбрана откако големата порота во Њујорк го обвини поранешниот претседател во случај да и плати на порно актерката Сторми Даниелс 130.000 долари за да молчи за нивната наводна афера. Трамп ги негираше обвинувањата и ја нарече истрагата политички мотивирана.
Гувернерот на Флорида, Рон Десантис, кој не ја објави својата претседателска кандидатура за 2024 година, но се смета за главен ривал на Трамп, на Твитер го обвини њујоршкиот обвинител Алвин Брег, демократ, дека „го превртел владеењето на правото додека го користи правниот систем за спроведување на политичка агенда“.
Десантис рече дека нема да соработува со њујоршките власти за екстрадиција на Трамп од Флорида, каде што е регистриран, за да се соочи со обвиненијата. Тоа можеби не е проблем бидејќи адвокатот на Трамп рече дека поранешниот претседател ќе оди во Њујорк да се предаде.
Ники Хејли, поранешна амбасадорка во ОН за време на Трамп, која ја најави својата кандидатура за 2024 година, рече дека обвинението „зборува повеќе за одмазда отколку за правда“.
Мајк Помпео, државен секретар за време на администрацијата на Трамп и уште еден можен претседателски кандидат, го обвини обвинителот дека „игра политика“.
Републиканскиот сенатор од Јужна Каролина Тим Скот, уште еден можен кандидат, во изјавата рече дека „прокриминалниот њујоршки обвинител не успеал да уапси криминалци, туку го користи законот за политички калкулации“.
„Ова е пародија и не треба да се случува во најдобрата земја во светот“, рече Скот.
Од друга страна, демократите велат дека никој не треба да избегнува кривично гонење доколку го прекршил законот, но и дека имаат право да одговараат на обвиненијата на суд.
Ненси Пелоси, поранешната претседателка на Претставничкиот дом, напиша на Твитер дека „големата порота ја донесе својата одлука врз основа на фактите и законот“.
„Никој не е над законот и секој има право на судење за да ја докаже својата невиност. Се надеваме дека поранешниот претседател мирно ќе го почитува системот што му го дава тоа право“, додаде таа.
Лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Чак Шумер, изјави дека Трамп „потпаѓа под истите закони како и секој Американец“.
„Правниот систем и поротата, а не политиката, ќе ја одредат неговата судбина, во согласност со фактите и законот. Не треба да има надворешно политичко влијание, заплашување и мешање. Ги охрабрувам и поддржувачите и противниците на г-дин Трамп да дозволат процесот се одвива мирно и во согласност со законот“, рече Шумер.
Реакциите од њујорчани беа различни.
„Конечно. Требаше да биде обвинет за милион работи и конечно да биде обвинет за нешто“, рече Керолин, жителка на Њујорк.
Друг жител на Њујорк по име Оскар рече дека верува оти обвинението ќе помогне во обидот за реизбор на Трамп.
„Веројатно тоа е она што тие го сакаат, кампањата на Трамп го сака ова. Тоа е бесплатен маркетинг“, вели тој.
Џејмс, од Конектикат, рече дека верува оти обвинението го зајакнува владеењето на правото.
„Мислам дека ова обвинение покажува дека никој не е над законот. И се надеваме, доколку сторил криминални дејствија, дека ќе одговара“, вели Чејмс.
Стив, жител на Чикаго, ги гледа работите поинаку.
„Мислам дека тоа е глупаво обвинение. Америка може да потроши повеќе време на поважни работи...Тој всушност е личност која направи многу за оваа земја“, изјави Стив.
Некои материјали во овој извештај се користени од Асошиетед прес.