Потрагата по правда е маратон, рече Јовески, кој замина од функцијата со цитат од Линколн

Ве повикувам во секоја можност да ја демонстрирате својата истрајност и решителност во борбата против криминалот. Не дозволувајте поединци да ја извалкаат професијата во која секојдневно се вложувате, порача Јавниот обвинител

Со писмено соопштение до медиумите кое го почнува со цитат од Абрахам Линколн, Љубомир Јовески се прости од функцијата која ја извршуваше 6 години.

На последниот работен ден како Јавен обвинител на Северна Македонија, Јовески реши да ѝ пише на јавноста дека ситуацијата во институцијата со која раководеше од 2017 е сложена, но не и така „црна“.

„Состојбите не се лесни, но сепак покажавме и покажуваме истрајност во реформите, а тоа веќе го препознаваат и сите меѓународни институции. Во последниот извештај на Европската комисија навистина се ниски оценките за борбата против корупцијата во земјава и од тоа не можеме да бидеме задоволни. Но, ниту една критика не е насочена директно кон обвинителството. Напротив, се инсистира државата да ги обезбеди и да ги зголеми ресурсите за непречена работа на Јавното обвинителство. Сакам да истакнам дека често поради непознавање на реалната состојба или намерно, правосудството, а со тоа и Јавното обвинителство, се цел на неосновани напади“, пишува Јовески.

Досегашниот Јавен обвинител, кој е кандидат за уставен судија, во соопштението вели дека анкетите кои покажуваат исклучително ниска доверба на граѓаните во обвинителството се правеле како за рејтингот на политичките партии, според него, не биле соодветни за мерење на работата на Јавното обвинителство.

Your browser doesn’t support HTML5

Состојбите не се лесни, но сепак покажуваме истрајност во реформите, рече Јовески

Тоа го аргументира со, како што го нарекува, релевантно истражување на Светска банка кое покажувало подобри резултати.

„Квалитетот на работата на правосудните институции позитивно го оцениле повторно 28% од граѓаните и 31% од бизнисмените, а во нивен предмет тој процент се искачува на 50% од граѓаните и 42% од бизнимените кои се задоволни од квалитетот на одлуките“, стои во дописот на Јовески.

На крајот тој им праќа порака на колегите-обвинители да бидат трпеливи и упорни зашто „потрагата по правда е маратон, а не спринт трка на кратки патеки“.

„Ве повикувам во секоја можност да ја демонстрирате својата истрајност и решителност во борбата против криминалот. Не дозволувајте поединци да ја извалкаат професијата во која секојдневно се вложувате“, вели Јовески.

На неговото место ќе седне вршител на должност – Соња Симовска, обвинителка која не е многу позната во јавноста. Зад нејзиниот избор во петокот застана Советот на јавни обвинители образложувајќи дека станува збор за докажан професионалец.

„Обвинителка со долго искуство, кја е докажан професионалец во својата работа, ги познава состојбите во обвинителството, има и менаесрки способности... Затоа, сметаме дека таа добро ќе ја спроведува функцијата до изборот на нов Јавен обвинител на С Македонија“, вели Душица Димитриеска, претседателка на Советот на јавни обвинители.

Во игра за наследник на Јовески се тројца обвинители - Фатиме Фетаи, Лидија Раичевиќ и Љупчо Коцевски.

Фетаи доаѓа од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на С Македонија.

Советот на јавни обвинители дава мислење по што владата избира еден од нив, за кој има позитивно мислење, кој потоа како предлог оди во Собранието.

На пленарна седница со мнозинство гласови Собранието го избира новиот Јавен обвинител на државата.