Линкови за пристапност

Русковска: Суспендирање на правото и правдата, а не суспензија на Вилма Русковска


Рускоска жалбата ја достави до Советот на јавни обвинители
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:57 0:00

„Суспендирање на правото и правдата, а не суспензија на Вилма Русковска“ – тоа е коментарот на шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција која денеска го обжали решението на државниот обвинител за нејзино оддалечување од функцијата поради начинот на кој постапувала за предметот за директорот на Финансиска полиција и за претресот извршен во канцелариите на оваа институција. Рускоска жалбата ја достави до Советот на јавни обвинители. Таа смета дека одлуката на јавниот обвинител, Љубомир Јовески, ќе има влијание врз натамошното постапување во предметите за кои таа доби суспензија.

„Без разлика што имаше соопштение дека предметите ќе продолжат со несмален интензитет после ова мене што ми се случи не верувам дека кој било колега сериозно ќе продолжи да постапува по истите. Во решението за моја суспензија е наведено дека предметите треба да ги предадам на колешката која е одредена согласно годишниот распоред, истата од 15-ти се наоѓа на годишен одмор и предметите не можев да ги распределам. А таа не може да ги работи бидејќи и против нејзе има дисциплинска постапка. Секој оној обвинител кој ќе ги добие овие предмети, не знам како ќе постапува“, рече Русковска.

Покрај суспензијата, против Русковска и уште други две обвинителки е покрената дисциплинска постапка и тоа конкретно за случајот што ова обвинителство го отвори против директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми. Русковска, која како што вели, поради суспензијата, морала да прекине со сослушување на сведоци, не сака да верува дека во позадина стои политичка игра.

„Од страна на ЈОРСМ не се вршеше надзор врз целокупната моја работа или на колешките, туку надзор исклучиво по овој предмет и по овој предмет ние добивме укажувања и сметам дека апсолутно е спротивен на законот. Вие се сомневате во некоја позадина? - Не би сакала да поверувам, како една обвинителка, дека во позадина има вмешаност на некој политичар. Сметате дека ова е притисок од оваа влада? – Од сегашната не, а ние сме многу влади претходно“, додава таа.

На изјавите на Русковска дека од Финансиската полиција не добила соодветна соработка – од, како што тврди, 250 до 300 предмети добила само 30 и тоа не тие што се побарани, реагираа од оваа институција, велејќи дека во моментот кога биле побарани биле „обезбедени 34 оформени предмети“ и дека дополнително се обезбедуваат уште 150 предмети.

Жалбата на Русковска сега е во рацете на Советот на Јавни обвинители. Во меѓувреме нејзината суспензија останува, а причината поради која беше суспендирана – Арафат Муареми и предметот против него, најави дека се повлекува од позицијата прв човек на Финансиска полиција.

Подолг период траеше конфликтот меѓу Муареми и Русковска. Пред точно еден месец обвинителството што го води Русковска изврши претрес во канцелариите на финансиската полиција за „предмети оформени по анонимни кривични пријави“ по што следеа кривичните пријави на Муареми против Русковска и двете надлежни обвинителки.

Од оваа нивна „отворена војна“ епилогот, засега, е повлекување на Арафат Муареми и суспензија на Вилма Русковска.

XS
SM
MD
LG