Дел од обвинителската фела јавно го изрази своето незадоволство од последните измени на Кривичниот законик. Ленче Ристоска, која беше една од главните обвинителки во некогашното Специјално јавно обвинителство, и сега се уште е задолжена за некои од високопрофилираните предмети на СЈО вели дека законските измени се удар врз обвинителската професија и дека само дополнително ќе ја засилат културата на неказнивост.
Самите измени јас лично ги доживувам како навреда на сите професионалци кои сме се вложиле во борбата, пред се, против корупцијата, бидејќи овие измени најчесто ќе ги афектираат коруптивните кривични дела.Ристоска, обвинителка
„Измените на Кривичниот законик би рекла дека и тоа како влијаат на културата на неказнивоста која некако се протержира во изминатите години. И Обвинителството, по мое мислење, е ставено пред една неблагодарна и тешка задача. Имаме кратки рокови, таму каде што не е застапена застареноста, тоа експресно да се заврши. Од друга страна, ресурсите се такви какви што се, не ни се унапредени состојбите. Предметите во кои сме вложиле многу и ресурси и енергија веќе застаруваат, голем дел од нив. Барем за предметите по кои јас постапувам, во тек ни е анализа да видиме точно која ќе биде импликацијата од овие измени на Кривичниот законик. Меѓутоа, самите измени јас лично ги доживувам како навреда на сите професионалци кои сме се вложиле во борбата, пред се, против корупцијата, бидејќи овие измени најчесто ќе ги афектираат коруптивните кривични дела.“, изјави Ленче Ристоска, обвинителка.