Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш, на самитот за климата денес, ги предупреди светските лидери дека нема уште многу време за да се избегне еколошка катастрофа.
„Мораме да го надополниме изгубеното време од непреземање итни акции, притисок и гола алчност на вкоренети интереси кои собираат милијарди од фосилни горива“, им рече Гутереш на светските лидери на почетокот на еднодневниот симпозиум на Генералното собрание во седиштето на Обединетите нации во Њујорк.
По говорот на Гутереш, шефовите на 34 држави требаше да зборуваат за важноста на одржливоста, вклучувајќи ги Бразил, Пакистан, Јужна Африка, Канада, Европската унија и Тувалу, островска држава загрозена од зголемувањето на нивото на морето.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва се повлече откако му се слоши.
На негово место се очекуваше да зборува неговиот министер за животна средина.
Двете најголеми економии кои, исто така, се и најголеми загадувачи, САД и Кина, беа изоставени од списокот на говорници.
Само нациите кои планираа да ги зголемат своите ветувања за намалување на емисиите беа поканети на подиумот.
Специјалниот пратеник на САД за климата Џон Кери присуствуваше.
Гутереш рече дека глобалната промена од фосилни горива кон обновливи извори е во тек, но дека напредокот е одложен со децении.
Штетите од климатските промени, рече тој, најсилно го погодуваат светот во развој, а најмногу виновен е глобалниот север.
„Многу од најсиромашните нации имаат целосно право да бидат лути, лути поради тоа што страдаат од климатска криза што не направија ништо за да ја создадат, лути што ветените финансии не се реализирани, лути што нивните трошоци за задолжување се небесно високи“, рече Гутереш.
Тој вели дека е оптимист оти самитот за климата ќе помогне да се убедат некои од најбогатите земји и корпорации да ја исполнат светската цел на ОН за нула емисии до 2050 година.
Тој рече дека се надева дека силите ќе преземат остра акција и ќе инвестираат повеќе во иднината на обновливите извори на енергија.
Одредени информации се преземени од Ројтерс