Очекувања за изборите во САД од неколку илјади Американци кои живеат во Украина

Your browser doesn’t support HTML5

Резултатот од изборите во САД и можните промени во надворешната политика на Вашингтон посебно имаат значење за Американците кои живеат во Украина. Какви се нивните очекувања и стравувања?

Меѓу оние кои гласаат во отсуство од земјата, додека се во странство, е и Ана Белокур, една од околу шест илјади Американци кои живеат во Украина. Таа е менаџерка на социјалните медиуми за публикацијата Kyiv Independent, што се објавува онлајн, на англиски и вели дека нејзината лична врска со Украина е длабока.

“Во Украина живеам околу една година. Ја посетував Украина пред да почне војната, и мојот татко е Украинец, така што имам корени во Украина. Чувствував дека ако сакам да бидам новинар што ќе ја покрива војната, мора да бидам тука.”, вели Ана Белокур.

Белокур вели дека многу ја погодува што Украина се користи во американските политички кампањи зашто верува дека страдањето на Украина се запоставува.

Анкети направени од Галуп годинава и Универзитетот на Мериленд сугерираат мала предност на оние кои мислат дека САД треба да и помага на Украина и покрај политиката. .

“Кога зборувам со луѓе дома, од двете страни на политичкиот спектрум, слушам многу емпатија за Украина и многу повеќе загриженост што се презентира на одредени телевизиски канали.”, вели Ана Белокур.

Белокур планира да гласа онлајн. Таа вели - без разлика што ќе се случи, нејзината определба нема да се промени.

“Слушам дека од Киев и Нато и од други места се вели дека што и да се случи, ние треба со тоа лице да работиме. Се обидувам и јас да го прифатам. Ќе продолжиме да се бориме.”, смета Ана Белокур.

Стивен Мур го дели тоа мислење. Тој е републиканец и поранешен Шеф на кабинет на Капитол Хил кој сега живее во Украина и работи како волонтер.

Мур основал непрофитна организација со седиште во САД, Украински проект за слобода, што обезбедува хуманитарна помош за цивили и не-смртоносна опрема за армиските волонтери.

Тој вели дека на Украина ѝ треба поддршка од демократите и републиканците.

“Не може Украина да добие што сака од САД преку поддршка од само една партија. Украина треба да биде двопартиска. Има околу 70 проценти шанси дека Белата куќа и Конгресот ќе бидат поделени.”, изјави Стив Мур од Проектот Слобода за Украина.

Мур верува дака Америка никогаш не била поделена како сега. Тоа верување му е поткрепено со истражувања на јавно мислење пред изборите.

“Русите го добиваат тоа што го сакаат во овој изборен циклус, што е хаос и неред во САД. ”, изајви Стив Мур од Проектот Слобода за Украина.

Мур гласал за време на неговото последно патување во САД.

“Сега сме во глобална војна. Единствените што реагираат на таа информација се нашите непријатели и Украинците. Така, овие избори ќе диктираат како Америка ќе одговори на глобална војна. ”, изјави Стив Мур од Проектот Слобода за Украина.

Други експатриати, како Џон Сенет, кој работи на воздухопловна логистика, сметаат дека клучот е да се биде неутрален.

“За нас овде, ова е игра на чекање. Не треба да бидеме многу вокални за тоа кого сакаме а кого не. Кој и да победи, ќе треба да работиме со него.”, вели Сенет.

Сенет вели дека украинските пријатели често бараат од него да прогнозира резултат од изборите, но ова е Америка, вели, и никој не знае до денот на изборите.