Обама: Последиците од Ајрин ќе се чувствуваат извесно време

Претседателот Обама говори за последиците на Ајрин во Белата куќа

Предупреди дека опасноста не минала, повика на трпеливост

Американскиот претседател Барак Обама предупреди дека последиците од тропското невреме Ајрин допрва ќе се почувствуваат. Ајрин однесе 20-тина човечки животи, а штетата на имотот се проценува на милијарди долари. Претседателот говореше за невремето неделата, додека тоа се движеше низ североисточниот дел на САД, во правец на Канада.

Иако Ајрин загуби во јачина и не донесе значителна штета во некои од најголемите градови, Обама кажа дека источниот брег допрва ќе ги почувствува ефектите.

„Голем број Американци се` уште се во опасност од сериозен прекин на електричната енергија и поплави што наредните денови само може да се влошат поради излевањето на реките. Сакам луѓето да разберат дека опасноста не минала“, им порача Обама на Американците.

Претседателот ова го изјави во Белата куќа, придружуван од секретарката за домашна безбедност Џенет Наполитано и управникот на Федералната агенција за вонредни ситуации (ФЕМА) Крег Фугати. Обама поради Ајрин петокот го прекина одморот и се врати во Вашингтон. Тој побара трпеливост додека се врши проценка на штетата.

„Сакам да подвлечам дека влијанието на ова невреме ќе се чувствува извесно време, а обновата ќе трае со недели, ако не и повеќе’, рече тој.