Никој не треба да му помага на Путин да убива невини Украинци, рече Кирби

Рускиот претседател Владимир Путин денес се состана со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во најнапредниот руски космодром среде предупредувањата од САД и Јужна Кореја против потенцијален трансфер на оружје

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби, денес изјави дека САД се загрижени за каква било потенцијална одбранбена соработка меѓу Русија и Северна Кореја.

Кирби рече дека САД внимателно ги следат контактите меѓу Москва и Пјонгјанг.

„Ниту една нација на планетата, никој не треба да му помага на Путин да убива невини Украинци“, рече тој.

Рускиот претседател Владимир Путин денес се состана со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во најнапредниот руски космодром среде предупредувањата од САД и Јужна Кореја против потенцијален трансфер на оружје.

Ким ја вети својата целосна и безусловна поддршка за сите одлуки на Путин, во очигледна референца на руската војна против Украина.

Медиумите цитираат неидентификувани западни претставници кои велат дека Русија се надева оти ќе добие севернокорејски артилериски гранати за употреба во војната во Украина, додека Пјонгјанг се чини дека сака напредна технологија за своите сателити и подморници на нуклеарен погон, како и помош во храна од Москва.

„Треба да разговараме за прашањата за економската соработка и хуманитарните прашања, како и за ситуацијата во регионот“, му рекол Путин на Ким.

Двајцата прво го обиколија космодромот, каде што новинарите прашаа дали Русија ќе ѝ помогне на Северна Кореја да изгради сателити.

„Затоа дојдовме овде“, рече Путин, според руските државни медиуми.

„Лидерот на Демократска Народна Република Кореја покажува голем интерес за ракетното инженерство“.

Додека Ким ја посети Русија денес, Северна Кореја истрела две балистички ракети со краток дострел во морето во близина на нејзиниот источен брег.

Војската на Јужна Кореја соопшти дека ракетите биле лансирани од близина на Пјонгјанг и прелетале околу 650 километри.

Пред разговорите, јужнокорејските власти соопштија дека внимателно ја следат првата средба меѓу Ким и Путин по четири години.

„Соработката меѓу Русија и Северна Кореја треба да се направи во насока на придонес кон мирот и просперитетот на Корејскиот Полуостров, придржувајќи се до релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН“, изјави во средата портпаролот на Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја.

САД и Јужна Кореја ги обновија предупредувањата до Северна Кореја да не ѝ дава муниција на Русија што може да се користи во војната во Украина.