Нападот во Газа викендов беше насочен кон висок воен лидер на Хамас, кажа Израел

  • VOA

Фотографијата направена од Рафа покажува чад над Кан Јунис во јужниот дел на појасот Газа за време на израелското бомбардирање на 11 март 2024 година, во услови на тековни битки меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас

Израел денес соопшти дека воздушниот напад во Газа во текот на викендот бил насочен кон висок воен лидер на Хамас, но се` уште се обидува да утврди дали тој е убиен.

Нападот врз претпоставеното скривалиште Марван Иса се случи „помеѓу саботата и неделата“, изјави портпаролот на израелската војска Даниел Хагари на брифингот со новинарите.

Тој рече дека комплексот во централна Газа го користеле двајца високи членови на Хамас, вклучувајќи го и Иса, кого Израел го обвинува дека е еден од клучните планери зад терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Иса е втор по команда во военото крило на Хамас.

„Сè уште ги испитуваме резултатите од нападот, а конечната потврда допрва треба да ја добиеме“, рече Хагари.

Коментарите доаѓаат кога Палестинците денес го одбележаа почетокот на светиот муслимански месец Рамазан.

Борбите продолжија и покрај напорите да се обезбеди нов прекин на огнот меѓу Израел и Хамас за време на Рамазан.

Израел објави дека извршил напади низ појасот Газа денес, вклучувајќи воздушни и копнени напади во Кан Јунис и други области на јужниот дел на Газа, како и во централна Газа.

Министерството за здравство во Газа, управувано од Хамас, денес соопшти дека 67 луѓе биле убиени во израелската офанзива во текот на изминатиот ден, а најмалку 31.112 загинале од почетокот на војната во октомври.

Насилството уследи по неколкунеделни преговори кои ги вклучија Египет, САД и Катар, за да се обезбеди нов прекин на огнот пред Рамазан, кој би вклучил ослободување на заложниците кои ги држи Газа и палестински затвореници во Израел.

Преговарачите на Хамас на појдовните разговори во Каиро минатата недела рекоа дека преговорите за прекин на огнот ќе продолжат оваа недела.

Во Њујорк, генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш, го повтори апелот за прекин на огнот за светиот месец на муслиманите, за да се забрза соодветната помош за Палестинците во Газа и да се обезбеди ослободување на сите заложници што ги држи Хамас.

„Очите на светот гледаат. Очите на историјата гледаат“, им рече Гутереш на новинарите.

„Мора да дејствуваме за да избегнеме повеќе смртни случаи што може да се спречат“.

Тој рече дека на очајните цивили им треба „итна акција“.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс-прес