Со очекувани двајца кандидати, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова, но со изненадувачка, речиси, двојна предност во бројот на освоените гласови за кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одигра вториот круг од претседателските избори во Северна Македонија.
Тоа го покажаа првичните официјални резултати на Државната изборна комисија од денешниот прв круг на седмите претседателски избори во Северна Македонија.
„Обработени се податоци од речиси 90 отсто од избирачките места, одзивот е 49,75 отсто во изборните места кои ги обработивме. Во овој момент почнуваме со работа бидејќи по полноќ ќе почнат да пристигаат записници од Општинските избирачки комисии кои членовите кои ќе ги донесат. Изборите минаа мирно и во најдобар ред“, изјави Александар Даштевски, претседател на ДИК, на последната прес-конференција вечерва.
Да ги увериме граѓаните дека вреди да се учествува на изборитеГордана Силјановска Давкова
Гордана Силјановска Давкова од ВМРО – ДПМНЕ освои 326.310 гласа или 39,95%. Кандидатот на СДСМ, пак, Стево Пендаровски освои 162.678 гласови или 19,92%. Оваа разлика, според изјавите и на самите кандидати, не била во целост очекувана.
Your browser doesn’t support HTML5
„Ова е крајот на првиот круг, доаѓа вториот и јас исто ќе се однесувам, со должна почит, кон оној со кој ќе се натпреварувам. Се разбира, очекувам таков ист однос, и да не фрлиме сенка на ова што денеска се случуваше. Треба да ги увериме граѓаните дека вреди да се учествува на изборите, вреди да се чуе дека сум горда на граѓаните без кои има Македонија. Јас граѓаните не ги делам по етничка припадност или се за или против мене“, рече Силјановска-Давкова во обраќањето од изборниот штаб.
Пендаровски, пак, рече дека не очекувал разликата во гласовите да биде во толкава мера во корист на Силјановска Давкова.
Your browser doesn’t support HTML5
Немам намера да се пазарам за механичко префрлање на гласовитеСтево Пендаровски
„Очекувам уште поголем одзив од граѓаните и поголема бројка од граѓаните да го препознаат концептот кој го промовирав во изминатиот период. Немам намера да се пазарам или договарам со некој за механичко префрлање на гласовите, тоа не сум го правел и нема да го правам за механички да преземам гласови од некоја група или општина. Нема предавање, не се чувствувам малодушен“, рече Пендаровски.
Исклучително задоволен од резултатите од првиот круг беше Максим Димитриевски, кој после 90 проценти обработени податоци, освоил 71.822 гласови или 8,79%.
Your browser doesn’t support HTML5
„Денеска ЗНАМ ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена. Се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок, којашто имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надоградиме со цел еден ден граѓаните да имаат можност да бираат нешто ново“, истакна Димитриевски.
Кандидатката на Левица, пак, Билјана Ванковска, во своето обраќање вечерва ѝ честиташе на Силјановска Давкова, именувајќи ја веќе за победничка на претседателските избори.
SEE ALSO: Билјана Ванковска: Авангардата гласаше за нас„Апсолутно сум горда на гласовите што ги освоив, точно е дека авангардата гласаше за нас. Очигледно народот се уште не во таа фаза да гледа визија зад две брда. Отидов предалеку во тоа што го прогнозирав. Длабоко се надевам дека грешам во прогнозата и дека народот нема да се разочара после година или две од владеењето на новата претседателка“, рече Ванковска.
Во албанскиот политички блок, пак, постоеше ривалство меѓу двајцата кандидати Бујар Османи и Арбен Таравари.
Османи, според податоците од ДИК, на 90 отсто обработен материјал, освои 111.532 гласови или 13,66 отсто од гласовите. Тој рече дека тие бројки оставаат аманет за идната македонска политика.
Your browser doesn’t support HTML5
„Сакам да објавам една голема победа на Фронтот наспроти албанската опозиција со над 40 000 гласови и победа во сите општини, и помали и поголеми градови во држава. Ова е заедничка победа и таа докажува дека `Фронтот за Европа` станува една голема локомотива за европската иднина на нашата држава. Сакам да се заблагодарам на сите партии кои се дел од Фронтот за довербата што ми ја дадоа да бидам нивни кандидат. Денешниот глас е аманет за идните политики на државата“, рече Османи.
Од коалицијата Вреди, чиј кандидат беше Арбен Таравари, пак, ја обвинија ДУИ за криминал, насилство и поткуп на гласачи. Таравари, според податоците од ДИК, има освоено 78.537 гласови или 9,62%.
Your browser doesn’t support HTML5
„Земјотресот по сè изгледа дека денеска почна со масовното учество на граѓаните во изборите, а се надевам дека на 8 мај ВЛЕН ќе победи и ќе дојде долго очекуваната промена ДУИ да биде во опозиција“, изјави Арбeн Таравари.
Најмалку гласови освои Стевчо Јакимовски, кандидат на ГРОМ. Според ДИК, бројките за него се 7.537 гласови или 0,92%. Јакимовски, воедно, беше првиот кандидат што го призна поразот.
„Резултатите секако дека не се задоволувачки. Далеку се од очекувањата. Но, битно беше дека граѓаните на Република Македонија имаа избор. Бираа меѓу седум свои кандидати. Дали биле во право со тоа што го избрале, после пет години ќе видиме дали изборот бил добар“, рече Јакимовски кој воедно ѝ го честиташе водството на Гордана Силјановска Давкова.
Сите политички партии оценија дека првиот круг од претседателските избори поминал во мирна и демократска атмосфера. Според официјалните податоци на ДИК, од обработени 3.176 избирачки места или 90,54 проценти гласале 816.716, вкупниот број на важечки гласачки ливчиња е 794.613 а регистрирани се вкупно 22.109 неважечки ливчиња.
Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните избори. Пендаровски и Силјановска Давкова најавија интензивни средби со граѓаните во следниот период.