Го признавам поразот на овие претседателски избори, рече кандидатот за претседател Стевчо Јакимовски, кој освои најмалку гласови во првиот круг.
„Резултатите секако дека не се задоволувачки. Далеку се од очекувањата. Но, битно беше дека граѓаните на Република Македонија имаа избор. Бираа меѓу седум свои кандидати. Дали биле во право со тоа што го избрале, после пет години ќе видиме дали изборот бил добар“, рече Јакимовски кој воедно ѝ го честиташе водството на Гордана Силјановска Давкова.
Според податоците од Државната изборна комисија, на 91,5 проценти обработени гласачки ливчиња, за Јакимовски својот глас го дале 7.635 граѓани, односно 0,92 отсто од гласачите.
На прво место, според истиот процент на обработени гласачки ливчиња, е Гордана Сиљановска Давкова со освоени 330.526 гласови, односно 39,92 проценти. Стево Пендаровски, пак, има освоено 165.015 гласа, односно 19,93 проценти. На трето место е Бујар Османи со освоени 112.806 гласови.