Металните огради, бетонските бариери и безбедносните контролни пунктови сè уште се поставени на многу патеки и крстосници на Националното шеталиште во Вашингтон, коешто се протега од зградата на Американскиот конгрес, односно американскиот Капитол, во пресрет на денешната заклетва на Доналд Трамп како 47-ми претседател на САД.
Студеното време ги смени плановите за одржувањето на главната свеченост, па наместо на скалишниот амфитеатрален простор пред американскиот Капитол, церемонијата за инаугурација ќе се одржи во Ротондата, додека традиционалната инаугуративна парада е закажана во блиската спортска арена „Capital One“.
Овие промени донесоа нови предизвици за безбедносните служби, кои, како што е најавено ќе бројат околу 25.000 лица од речиси секој можен профил на безбедносните структури.
„Ќе ја префрлиме структурата. Не намалуваме ништо од тоа што беше нашиот првичен план“, рече Мет Меккул од американската тајна служба, на вчерашната средба со новинарите.
Организаторите очекуваа околу 250.000 гости со обезбедени влезници да дојдат кај Националното шеталиште од кадешто вообичаено се следи церемонијата кај американскиот Капитол.
Со новите измени, драстично помал број ќе можат да влезат во ротондата на американскиот капитол, каде што се предвидени места само за 600 луѓе. Во арената „Capital One“, пак, ќе има место за 20.000 луѓе.
Ништо суштинско не се промени, полицајците кои беа предвидени ќе се распоредат и ќе го контролираме движењетоПамела Смит, шефица на полицијата од Вашингтон
Безбедносните служи се надеваат дека нема да се случи сценарио во кое маса народ од очекуваните 250.000 луѓе одлучат да тргнат кон спортската арена.
Шефицата на полиција во Вашингтон, Памела Смит, во неделата изјави дека имаат засилување од уште 4.000 полицајци од цела држава и дека ќе бидат подготвени.
„Ништо суштинско не се промени. Полицајците кои беа предвидени ќе се распоредат и ќе го контролираме движењето. Значи, ќе имаме полицајци на места и локации низ градот како што првично планиравме“, рече Смит на средбата со новинарите.
Целиот безбедносен контингент за инаугурацијата ги вклучува и американската тајна служба, ФБИ, полицијата на американскиот капитол, полицијата од Вашингтон, какои и околу 7.800 членови на американската армија и воздушната национална гарда. Сите ќе бидат координирани од команден центар, кој е поврзан со проширена мрежа од камери кои ги следат случувањата низ градот.
И иако мерките за безбедност во некои области, вклучително и долж делови од Националниот трговски центар, се олабавени, официјалните лица рекоа дека ќе има многу потсетници за секој што доаѓа во Вашингтон дека има ограничувања за движењето.
ФБИ во моментов не следи никакви веродостојни или конкретни закани за инаугуративната церемонијаКанцеларијата на ФБИ во Вашингтон
Засиленото ниво на безбедност се должи на важноста на главниот актер, избраниот претседател Доналд Трамп, кој беше двапати цел на обиди за атентат. На тоа се додаваат и новогодишниот терористички напад и упад со камион во Њу Орлеанс и експлозијата на возило пред меѓународниот хотел „Трамп“ во Лас Вегас.
Претходно овој месец, полицијата на Капитол уапси двајца мажи осомничени дека се обиделе да го нарушат државниот погреб на поранешниот американски претседател Џими Картер.
Причина за загриженост кон безбедноста носи и неодамнешното истражување од Универзитетот на Чикаго во рамките на Проектот за безбедност и закани.
„Над 5% од американската јавност поддржува употреба на сила за да се спречи Доналд Трамп да стане претседател“, изјави Роберт Пејп, директор на проектот, за Гласот на Америка.
„Тоа е еднакво на 14.000.000 возрасни Американци. Тоа е за жал вознемирувачка бројка“, додаде Пјепл.
Меѓутоа, засега, американските власти не гледаат знаци на претстојна сериозна закана.
„ФБИ во моментов не следи никакви веродостојни или конкретни закани за инаугуративната церемонија или кон комплексот на американскиот Капитол. Ќе продолжиме тесно да соработуваме со нашите партнери за да споделуваме информации и да ги идентификуваме и прекинеме сите закани што може да се појават“, изјавија за Гласот на Америка од канцеларијата на ФБИ во Вашингтон.
Инаугурацијата е закажана за денеска на пладне, односно 18.00 часот по македонско време.