Кремљ има долга историја на убивање противници, рече Белата куќа

Многу е јасно што се случи овде, изјави портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер зборувајќи за смртта на Пригожин

Белата куќа денес беше блиску до објавување дека Кремљ е одговорен за смртта на шефот на платеничката група „Вагнер“ Евгениј Пригожин, за кој се веруваше дека загинал во мистериозна авионска несреќа минатата недела.

„Сите знаеме дека Кремљ има долга историја на убивање противници“, изјави портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.

„Многу е јасно што се случи овде“.

Нејзиниот коментар беше досега најблиската американска изјава за можноста дека рускиот претседател Владимир Путин го нарачал убиството на Пригожин, кој започна кратка побуна против Кремљ во јуни.

Пригожин загина минатата недела кога авионот со кој летал ненадејно се урна надвор од Москва.

Има многу теории за тоа како паднал авионот, од експлозија во авионот до напад со ракета земја-воздух.

Американскиот претседател Џо Бајден им рече на новинарите минатата недела дека САД работат на обидот да се дојде до заклучок за тоа како авионот бил соборен.

Бајден, исто така, рече дека не е изненадување што Пригожин бил убиен откако му се спротивставил на Путин.