Камала Харис и Блинкен во Минхен ќе порачаат дека САД се посветени на безбедноста

Тие треба да присуствуваат на годишниот безбедносен собир помалку од една недела откако Трамп, фаворитот за републиканската претседателска номинација, рече дека нема да ги брани сојузниците од НАТО кои не потрошиле доволно за одбраната

Американската потпретседателка Камала Харис и државниот секретар Ентони Блинкен се соочуваат со тешка задача на годишната конференција за безбедност во Минхен што започнува утре - да ги смират сојузниците дека САД остануваат посветени на одбраната на нивната безбедност.

Харис и Блинкен треба да присуствуваат на годишниот безбедносен собир помалку од една недела откако Трамп, фаворитот за републиканската претседателска номинација, рече дека нема да ги брани сојузниците од НАТО кои не потрошиле доволно за одбраната.

Трамп најверојатно ќе биде противкандидат на демократскиот претседател Џо Бајден во ноември, во нешто што изгледа како тесно соочување, покажа анкетата на Ројтерс/Ипсос оваа недела.

Бајден не присуствуваше на годишната конференција во последниве години, но Харис треба да го одржи она, што соработниците го наведоа како главен говор в петок за „важноста од исполнување на улогата на САД во глобално лидерство“ пред да се сретне со американските законодавци, украинскиот претседател Володимир Зеленски и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Веројатно, Харис ќе биде внимателно следена за нејзината способност да биде лидерка, откако се покренаа прашањата за возраста на Бајден, кој се кандидира за втор мандат.

Тој има 81, а Трамп 77 години, и двајцата се обвинуваат меѓусебно за намалување на менталната способност.

Конференцијата доаѓа во време кога руската инвазија на Украина донесе војна на континентот, кој помина децении обидувајќи се да одржи мир, со помош на САД и нивните обврски кон безбедносната алијанса НАТО, кои Трамп се закани дека ќе ги отфрли.

Сенатот во вторникот одобри пакет воена помош од 95,34 милијарди долари за Украина и други земји, но финансирањето можеби никогаш нема да биде ставено на гласање во Претставничкиот дом, под контрола на републиканците, поради противењето на Трамп.

Трамп за време на политичкиот митинг во саботата зборуваше дека НАТО членки не плаќале доволно за безбедноста.

„Не, не би ве заштитил. Всушност, би ја охрабрил (Русија) да прави што сака. Мора да платите“, рече Трамп.

Договорот за НАТО содржи одредба со која се гарантира взаемна одбрана на земјите-членки доколку некоја биде нападната.

Бајден ги осуди коментарите на Трамп како покана за рускиот претседател Владимир Путин да ги нападне сојузниците и рече дека тие ја нагласуваат итната потреба за финансирање на Украина.

Бајден ја презеде функцијата во 2021 година со ветување дека ќе ги ревитализира сојузите по изолационистичкиот пристап на Трамп за време на неговиот мандат во Белата куќа 2017-2021 година, и тој во голема мера успеваше досега, рече Рејчел Ризо, виш соработник во Атлантскиот совет.

„Но, сега со застојот во Конгресот, самата администрација е навистина под притисок да ги исполни ветувањата што им ги даде на европските сојузници“, рече Ризо.

Харис и Блинкен имаат тешка задача да ги смират, додаде таа.

Џереми Шапиро, истражувачки директор во Европскиот совет за надворешни односи, рече дека не очекува Харис или Блинкен да дадат какви било ветувања на конференцијата за тоа што би можела да направи идната администрација на Трамп.

„Тие ќе дадат едноставна порака: Ќе победиме на изборите“, рече Шапиро.