Израел се согласи да ја презакаже посетата на делегацијата во Белата куќа

  • VOA

Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд разговара со израелскиот амбасадор во ОН Гилад Ердан, по предлогот на Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот во Газа, на 22 март 2024 година

Израелската војска денес објави дека има борби во областа на болницата Шифа во градот Газа, како и во Кан Јунис во јужниот дел на појасот Газа.

Министерството за здравство во појасот Газа, управувано од Хамас, денес соопшти дека претходниот ден биле убиени 62 Палестинци.

Министерството соопшти дека најмалку 32.552 лица биле убиени за време на израелската контраофанзива, која започна во октомври, по нападот на Хамас врз Израел во кој загинаа 1.200 луѓе.

Како пресврт, Израел во средата се согласи да испрати свои воени стратези во Вашингтон за да разговараат за неговата намера да изврши копнеен напад врз милитантите на Хамас во градот Рафа, јужна Газа.

Во понеделникот, Израел го откажа патувањето во знак на протест поради одбивањето на САД да стават вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, со која се повикува на итен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас.

САД, најверниот сојузник на Израел во речиси шестмесечната војна, се воздржаа од овонеделното гласање во ОН, откако претходно ставија вето на слични резолуции.

Тоа наиде на реакција од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, доказ за растечкиот спор со Вашингтон во врска со израелското водење на војната.

Но, иако Нетанјаху го откажа патувањето на дел од неговите воени стратези, министерот за одбрана Јоав Галант оваа недела беше во Вашингтон на разговори со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и државниот секретар Ентони Блинкен.

Нетанјаху рече дека нападот во Рафа е неопходен за да се избрише каква било контрола на Хамас врз Газа, тесната енклава покрај Средоземното Море.

Но, САД му кажаа на Израел дека се противат на инвазијата во Рафа, особено затоа што повеќе од милион палестински цивили се засолнети таму во импровизирани шатори и структури.

Израел соопшти дека ќе ги премести Палестинците на безбедно пред каков било напад врз четири баталјони на Хамас со седиште во Рафа, но не посочи каде ќе ги испрати.

И покрај тоа што тврдеше дека воздржувањето на САД е „многу, многу лошо“, Нетанјаху му рече на американскиот републикански сенатор Рик Скот дека неговото првично откажување на патувањето на израелската делегација „беше порака пред сè до Хамас“.

Нетанјаху рече дека гласањето во Советот за безбедност „го охрабри Хамас да заземе тврд став и да верува дека меѓународниот притисок ќе го спречи Израел“ да ги постигне своите воени цели.

Израел вети дека ќе продолжи да се бори додека војската на Хамас не биде уништена и не се ослободат преостанатите 100 заложници што ги држи.

Белата куќа рече дека е „добра работа“ да се одржат повеќе разговори со израелски официјални претставници и дека се разговара за датум.

Војната започна со терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври во кој загинаа 1.200 луѓе и беа заробени околу 250 заложници.

Повеќе од 100 беа ослободени во ноември за време на еднонеделниот прекин на огнот.

Бројот на загинати, според Министерството за здравство во Газа, вклучува борци на Хамас и цивили, а министерството соопшти дека две третини од загинатите се жени и деца.

Оттаму велат дека покрај загинатите, речиси 75.000 други луѓе се повредени.

Дел од информациите во текстот се од АП, Ројтерс и Франс-прес