Шон Марфи: пресудата на МСП има натамошна применливост

  • Гоце Јаневски
    Глас македонски

Шон Марфи: пресудата на МСП има натамошна применливост

Интервју со професорот по право на Универзитетот Џорџ Вашингтон и советник на Македонија во случајот против Грција

Меѓународните судови не се непозната сцена за професорот Марфи – ја застапувал американската влада во случаи пред Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија и други инстанци. Покрај Македонија, тој е и правен застапник за Косово пред Меѓународниот суд на правдата (МСП). За значењето на овој суд вели:

„Има уникатен аспект што овозможува на земја која можеби нема специфична моќ да влијае или да ги промени ставовите на друга земја, пред Судот во Хаг да го изложи спорот, што овозможува простор за рамноправно претставување“.

Судот одби да и` наложи на Грција како да се однесува во иднина, но навести дека не очекува однесувањето за кое беше тужена да се повтори. Марфи вака го коментира тој дел од одлуката:

„Судот утврди дека Грција го прекршила меѓународното право во 2008-ма, кога се спротистави на обидот на Македонија да влезе во НАТО. Иако Македонија побара и заклучок со кој Грција ќе се воздржи од слични постапки во иднина, Судот одлучи дека нема потреба да донесе таков заклучок, затоа што согледа дека претходното однесување на Грција било незаконско. Овој заклучок има натамошна применливост и Судот очекува и претпоставува дека Грција ќе се однесува законски во иднина“.

Но, што доколку грчката страна остане на своите позиции? Професорот вели дека тоа ќе биде нарушување на меѓународното право, но и „се поставува прашањето дали другите земји ќе му посветат внимание на тоа понатамошно нарушување, дали ќе го прифатат грчкото држење, дали тоа ќе има последици, и, се разбира, тоа може да доведе до ситуација Македонија повтрно да се врати во судот и да побара нова одлука“.

Дали пресудата на МСП е обврзна за организации како НАТО и ЕУ кои имаат сопствени механизми на донесување на одлуки? Марфи смета:

„Одлуката на НАТО во 2008 е последица на незаконско дејствување, како што е потврди МСП. Јас мислам дека НАТО-членките сега треба да се соочат со фактот дека резултатот од тоа незаконско дејствување беше одлуката на НАТО што останува и денес, а тоа е отфрлањето на македонската кандидатура за членство. Се надевам дека НАТО-членките ќе ја преразгледаат одлуката што ја донесоа во 2008-ма. Се надевам дека во мај, на следниот самит во Чикаго, НАТО ќе ја преразгледа одлуката и, иако Судот му нема наложено, ќе одлучи дали да ја прими Македонија без влијание од грчкото незаконско противење“.

Генералниот секератар на НАТО Андерс фог Расмусен на објавувањето на одлуката на Судот реагираше со коментар дека Македонија ќе стане членка кога ќе биде решен спорот околу името, а посредникот на ОН Метју Нимиц и Стејт департментот ги повикаа обете страни да ја употребат пресудата како поттик за надминување на спорот.