Има висок ризик од корупција во многу области во Северна Македонија, вели нов извештај на ЕК

Скопје, Северна Македонија

Независноста на судството и институционалниот капацитет за негова заштита од влијание остануваат сериозна загриженост, нотира извештајот на Европската комисија (ЕК) за владеење на правото во Северна Македонија за 2024 година.

Нивото на перцепција за независност на судството е многу ниско, забележува извештајот, и покрај реформите во судството и новата стратегија, која има за цел да ја подобри независноста, ефикасноста и професионалноста на судството.

Севкупно, 25% од општата популација и 20% од компаниите сметаат дека нивото на независност на судовите и судиите е „прилично или многу добро“ во 2024 година.

Главната причина што ја наведуваат, и пошироката јавност, и компаниите, за недостатокот на независност на судовите и судиите, е перцепција на мешање или притисок од страна на Владата и политичарите.

„Загриженоста останува и во однос на функционирањето и независноста на Судскиот совет, додека во овој поглед се преземени чекори. Одлуки за именување за јавните обвинители и судиите беа критикувани од граѓанското општество дека не се сеопфатно мотивирани или засновани на објективни критериуми“.

Ограничените финансиските средства наменети за судството може да влијаат на неговата финансиска автономија, и дефицитот на човечки ресурси може да влијае на квалитетот и ефикасноста на правдата, нотира извештајот.

Во него се вели дека е воспоставена сеопфатна национална антикорупциска стратегија, но оти нејзината имплементација заостанува.

Високиот ризик од корупција останува распространет во многу области.

Неодамнешните измени на Кривичниот законик ја ослабе правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупција, особено во случаи на корупција на високо ниво.

„Ограничувања на ресурси и недостаток на соработката меѓу националните власти го попречува ефективно гонење на корупцијата и го попречуваат воспоставувањето стабилна евиденција за случаи на корупција на високо ниво“, пишува во извештајот.

Перцепцијата кај експертите и бизнисите е дека нивото на корупција во јавниот сектор е висок.

Во Индексот на перцепција на корупцијата за 2023 година на „Транспаренси интернешнл“, Северна Македонија е рангирана на 76-то место на глобално ниво.

Годинешниот извештај на ЕК, првпат, вклучува поглавја за случувањата во Северна Македонија, како и за Албанија, Црна Гора, и Србија.

Вклучувањето на овие земји во извештајот има за цел да ги „поддржи нивните реформски напори, ќе им помогне на властите да постигнат понатамошен напредок во процесот на пристапување и да се подготват за продолжување на работата на владеењето на правото како идна земја-членка“.

Сериозна владина корупција и сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, вклучително и насилство и закани со насилство врз новинари, беа регистрирани и во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2023 година.

Извештајот наведе дека законот предвидува кривични казни за корупција од страна на функционери, но оти владата не го спровела ефективно.

„Имаше бројни извештаи за владина корупција. Во септември, владата усвои измени на Кривичниот законик, значително намалувајќи ги обвиненијата и казните за кривични дела поврзани со корупција. Невладините организации тврдеа дека како најголем работодавач во земјата, доминантната улога на владата во економијата, создава широки можности за корупција“.

И Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД, во април годинава, изгласа двопартиската легислатива, чија цел е да се зголеми трговијата и инвестициите меѓу САД и Западен Балкан, и да помогне во борбата против корупцијата.

Во легислативата се вели дека „корупцијата продолжува да го мачи Западен Балкан и претставува една од најголемите препреки за понатамошен економски и политички развој во регионот“.