Гладот ги демне сите во Газа, алармираат ОН

Светската програма за храна на ОН соопшти дека половина од населението гладува

Гладот се влошува меѓу Палестинците во опколениот појас Газа, соопштија хуманитарните агенции, додека Генералното собрание на Обединетите нации се подготвува во вторник да гласа за итен хуманитарен прекин на огнот во двомесечниот конфликт меѓу Израел и Хамас.

Уште стотици цивили загинаа во нападот на Израел врз Газа откако САД во петокот ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност која повикува на прекин на огнот.

Повеќето од 2,3 милиони луѓе во Газа се протерани од своите домови и жителите велат дека е невозможно да се најде засолниште или храна во густо населената крајбрежна енклава.

Светската програма за храна на ОН соопшти дека половина од населението гладува.

„Гладот ги демне сите“, рече телото на ОН одговорно за палестинските бегалци, на Х.

Жителите на Газа рекоа дека луѓето принудени да бегаат постојано умираат од глад и студ, како и од бомбардирањата, опишувајќи грабежи на камиони со хуманитарна помош и високи цени.

Израел вели дека неговите упатства до луѓето да се движат се меѓу мерките што ги презема за заштита на цивилите додека се обидува да ги искорени милитантите на Хамас кои убија 1.200 луѓе и зедоа 240 заложници во прекуграничен напад на Израел на 7 октомври, според израелските податоци.

Оттогаш се ослободени околу 100 заложници.

Во одмазднички напад на Израел загинаа 18.205 луѓе, а беа ранети речиси 50.000, според Министерството за здравство на Газа.

Генералното собрание од 193 члена најверојатно во вторник ќе усвои нацрт-резолуција што го отсликува јазикот на онаа што беше блокирана од САД во 15-члениот Совет за безбедност минатата недела.

Резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки, но имаат политичка тежина и ги одразуваат глобалните погледи.

Некои дипломати и набљудувачи предвидуваат дека гласањето ќе добие поголема поддршка од повикот на собранието во октомври за „итно, трајно и одржливо хуманитарно примирје“.