Џеј-Ди Венс ќе биде еден од најмладите потпретседатели на САД ако победи на изборите со Доналд Трамп во ноември.
Венс и неговата сопруга Уша, се дел од генерацијата на Милениумци - демографска група за која истражувачкиот центар Пју вели дека е составена од луѓе родени меѓу 1981 и 1996 година.
Милениумците во САД се соочуваат со економски предизвици, вклучувајќи високи долгови за студентски заеми и трошоци за домување. Тие се познати по брзото прилагодување на технологијата и беа сведоци на терористичките напади на 11 септември 2001 година, за кои Венс вели дека му го промениле животот.
„По 11 септември, го направив она што го направија илјадници други млади мажи на моја возраст во тоа време на зголемен патриотизам и љубов кон татковината. Се пријавив во американските маринци“, рече Венс.
Сара Гарднер од Тексас, која е дел од Милениумците, вели дека републиканците се подготвени за Венс.
„Имаме многу постари политичари во Вашингтон, а некои од нив се таму предолго, па затоа е одлично да се има некој со нови идеи што може да донесе нова перспектива и навистина да ги претставува помладите гласачи“, вели Гарднер.
Со оглед на тоа што Камала Харис сега е веројатен претседателски кандидат на Демократската партија, анкетите за јавното мислење покажуваат скок во поддршката за неа кај помладите гласачи.
„На овие избори знаеме дека младите гласачи ќе бидат клучни и знаеме дека вашиот глас не може да се земе здраво за готово. Тој глас мора да се заработи. Токму тоа ќе го направиме“, рече Харис.
Во Калифорнија, Дејвид Мераз од Милениумската генерација вели дека Харис е најдобриот избор за помладите гласачи.
„Мислам дека таа е свежо лице. Таа ги има квалификациите да ја преземе улогата и може да го победи Трамп“, посочи Мераз.
Комбинираните, гласачите од Милениумската и од помладата генерација „З“ создаваат моќен гласачки блок, вели ДеНора Гетачу, извршна директорка на DoSomething.org, организација која ги охрабрува младите да учествуваат во активизам.
„Ако излезат да гласаат на исто ниво како во 2020 година, тие ќе сочинуваат 37 отсто од гласачкото тело. Прво, регистрирајте се за да гласате. Второ, излезете да гласате“, смета Гетачу.
Иако Милениумците имаат различни политички гледишта, тие генерално се согласуваат за потребата од промени.
„Гледаме дека Америка се урива како земја. И тоа е така бидејќи луѓето што се избираат не се на наша возраст. Следната генерација се луѓе кои се во своите 20-ти, 30-ти и нивните 40-ти. Зошто имаме луѓе кои не претставуваат, а се во нивните 50-ти, 60-ти, 70-ти, па дури 80-ти?“, вели Ашргат Салех, гласач од генерацијата милениумци.
Седумдесет проценти од гласачите милениумци велат дека инфлацијата и трошоците за живот се нивните главни изборни прашања, покажува анкетата на „US News & World Report“. Економските грижи се рангирани далеку понапред од репродуктивните права, насилството со оружје и климатските промени.