Филипче очекува шефицата на државата да спречи натамошно партизирање на безбедносните служби

Венко Филипче ѝ ја пренел загриженоста на Гордана Сиљановска-Давкова за случувањата во Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање и укажал дека таа треба да интервенира

Претседателката повеќе да се ангажира во областите кои се во нејзина надлежност како што се безбедносните служби – тоа денеска го побарал лидерот на опозицијата од шефицата на државата.

Венко Филипче ѝ ја пренел загриженоста на Гордана Сиљановска-Давкова за случувањата во Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање и укажал дека таа треба да интервенира.

„Изразив загриженост и укажав дека таа треба да интервенира за некои работи кои се во незјини ингеренции како партизација на безбедносните институции, или ризикот од спојувањето на двете разузнавачки служби АНБ и Агенцијата за разузнавање и лошото искуство со една гломазна паризирана служба. Ние ги имаме реформирано тие служби, а сега АНБ се партизира“, вели Филипче.

Средбата која траеше час и половина во кабинетот на Сиљановска-Давкова била на барање на Филипче, и на неа се зборувало и за блокираните европски интеграции поради неспроведувањето на уставните измени за кои новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ турка иницијатива да бидат со одложено дејство.

„Такво нешто беше пробано и во минатото, но не помина во Софија“, вели првиот човек на социјалдемократите.

„Ќе ја поддржиме подобрена позиција која Владата ќе ја обезбеди. Ја информирав претседателката дека во времето на владеење на СДСМ имало обиди за предлог за уставни измени со одложено дејство, но тогаш бугарската страна под премиерот Петков тоа не го прифати“, рече тој.

Your browser doesn’t support HTML5

Средба Сиљановска - Филипче

На средбата која, како што изјави лидерот на опозицијата поминала во конструктивна атмосфера, претседателката ги забележала сугестиите и укажувањата на нејзиниот соговорник.

Пред состанокот на Водно и Владата порача дека се надева на конструктивен состанок меѓу претседателката и претседателот на СДСМ.

„Со оглед на фактот што станува збор за средба меѓу претседател на држава и претседател на опозицијата, јас не би можела да изнесувам ставови во аспект на Влада, се надевам дека ќе имаат конструктивен разговор за насоките во кои што ќе се делува во иднина“, изјави Марија Митева, портпаролка на Владата.

Средбата Сиљановска-Давкова – Филипче доаѓа само еден ден по нејзиниот брифинг за медиуми, на кој таа рече дека смета дека е можен напредок во односите со Бугарија и барање решение низ интерпретација на постоечката европската преговарачка рамка, нешто што таа му го пренела и на бугарскиот претседател Румен радев за време на нивниот состанок во Баку.