„Чекор напред, па два назад“

  • Борјан Јовановски
Директорот на Европската федерација на новинари Марк Грубер за слободата на медиумите во Македонија.
Според директорот на Европската федерација на новинарите, Марк Грубер, Македонија повеќе оди назад отколку напред во однос на слободата на медиумите. Федерацијата, која постојано ја следи состојбата во Македонија, укажува на потребата да се преземат сериозни чекори за да се подобри ситуацијата.

„Имаме впечаток дека во Македонија се прави еден чекор напред, па два чекори назад. Одамна ги критикуваме условите на работа на новинарите. Новиот закон за декриминализација на клеветата беше усвоен, гледавме на тоа како на позитивен чекор, и на 24-ти декември се случи тоа што знаете, новинари беа избркани од Собранието, со што се прекина дијалогот помеѓу новинарските здруженија и владата, дијалог кој е многу важен во законодавен, но и во професионален контекст”, вели Марк Грубер.

Федерацијата е загрижена поради статус-кво ситуацијата по настаните од 24-ти декември, кога новинарите беа отстранети од Собранието.

„Секогаш постојат правила за пристап на новинарите во јавните институции, но овде стануваше збор за арбитрарно бркање. Проблемот е што ова беше лошо изменеџирано, дијалогот е се` уште прекинат помеѓу здруженијата и владата. Ако три месеци подоцна се` уште сме во статус-кво позиција, морам да признам дека тешко можам да замислам друга држава во ЕУ да се доведе себеси во ваква ситуација”, вели Грубер, потенцирајќи дека нивната организација е во постојан контакт со европските институции, во обид да помогне да дојде до подобрување на состојбата.

Слободата на медиумите во Македонија беше тема за која се расправаше и на јануарската сесија на Комитетот за човекови права во Европскиот парламент. Една од учесничките во оваа расправа беше европратеничката Мариче Шаке.

“Има (да се заврши, н.з.) многу работа во Македонија. Доволно е да го погледнете извештајот на ЕК. Ние во ЕП слушнавме дека постои селективна примена на законот, многу нејаснотии околу сопствеништвото на медиумите, растечки тренд на автоцензура. Мислиме дека ако Македонија сака да се приклучи на европското семејство, ќе мора да поработи сериозно на овој проблем и да смени не само закони, туку и политичка култура со која приоѓа кон проблемите”, вели Шаке. Според неа, проблемот со слободата на медиумите ќе биде забележан и во наредниот извештај на ЕП за Македонија, што треба да биде објавен во април.