ЕУ мора да остане активна на Западен Балкан

Your browser doesn’t support HTML5

Шефот на италијанската дипломатија кој денеска допатува во Скопје како дел од неговата мини-регионална турнеја предупреди дека надворешни сили имаат свои интереси на Балканот и ја чекаат својата шанса. Автор: Владимир Мирчески

Позицијата на Италија, една од клучните земји-членки на Европската Унија, е дека ЕУ мора да остане активна на Западниот Балкан и да ги испорача ветувањата кон граѓаните за европска иднина. Шефот на италијанската дипломатија кој денеска допатува во Скопје како дел од неговата мини-регионална турнеја предупреди дека надворешни сили имаат свои интереси на Балканот и ја чекаат својата шанса. „Ако не подадеме рака, некој друг ќе не замени“, порача Антонио Тајани.

„Ако не покажеме дека сакаме да ја подадеме раката кон оние што ни ја бараат – ако кажеме `не ве сакаме`, тоа не е прифатливо за нас зашто Италија отсекогаш имала силен однос кон Земјите од Западен Балкан. Сакаме да го забрзаме темпото на пристапување кон ЕУ и за тоа се залагме во европските институции. Верувам дека нашето залагање за Балканот не е само политичко, туку е и квалитетно. Треба да се подаде рака кон оние кои сакаат да бидат со нас Европејците, особено нашите пријатели од Балканот, притоа внимавајќи на европските правила за пристапување. Ако ние ова не го направиме, некој друг ќе сака да не замени, на пример Русија, Кина, па дури и Турција. Ние сме убедени дека Балканот е интегративен дел од ЕУ“, рече Тајани.

Беше јасен и во делот на тоа дека официјален Рим останува посветен на евроитеграцијата на земјава, но беше внимателен во одговорот на прашањето што мисли за можноста за измени на Преговарачката рамка и за потенцијално отворање пат за иницијативата на новата влада во Скопје за одложна примена на уставните измени – услов критичен за отворање на преговарачките поглавја.