Ерик Брнс: Решени сме да ги градиме филмските студија, со или без поддршка од Владата

Сакаме да го направиме овој проект, без оглед на сè. Но, сакаме да го направиме овде, во Северна Македонија, Ерик Брнс, сооcновач на Skopje Stone Bridge studios

Одлучивме дека нема повеќе да чекаме, ако владата не сака да ни даде одговор. Очекувам студиото да биде или во Кисела вода или можеби во Карпош, вели Брнс, соосновач на проектот за филмски студија „Стоун бриџ“ што актерот Џон Малкович ги најави пред една година.

Решена да го реализира проектот со филмски студија и таканаречениот Технолошки парк во Скопје е групацијата „STP Capital Partners“ во која се обединети инвеститори од САД, од Балканот, како и американски филмски имиња, меѓу кои е и светската филмска ѕвезда Џон Малкович.

Тоа, во разговор за Гласот на Америка го истакна Ерик Брнс, еден од носителите на проектот за филмските студија, кои се најавени под името „Стоун бриџ“.

Your browser doesn’t support HTML5

Проект „филмски студија“: Групацијата бизнисмени и филмаџии решени да градат во Скопје

Сакаме да го направиме овој проект, без оглед на сè. Но, сакаме да го направиме овде, во Северна Македонија. Тоа ни е битно, поради сите причини што ги наведов. И навистина, сега одиме напред со проектот, па дури и без статус на стратешка инвестиција. Одлучивме дека нема повеќе да чекаме, ако владата не сака да ни даде одговор. Се надевам дека ќе ни одговорат и дека ќе речат „да“. Доаѓаме во мир, сакаме ова да успее за сите“, вели Брнс.

Сега одиме напред со проектот, па дури и без статус на стратешка инвестиција. Одлучивме дека нема повеќе да чекаме, ако владата не сака да ни даде одговор
Ерик Брнс

Како што истакна Брнс, филмските студија треба да се простираат на површина од 10 хектари, да имаат сцени за снимање филмови, за продукција на музика, за медиуми и да бидат со еколошки сертификат.

Ние сме флексибилни во овој момент. Но, на крајот сепак продолжуваме понатаму. Очекувам студиото да биде или во Кисела Вода или можеби во Карпош. Но, тоа зависи и од луѓето што одлучуваат овде, каде тие сакаат да го имаат студиото“, посочи нашиот соговорник.

Од општина Кисела Вода ни потврдија дека имало интерес за сместување на студијата на нивна територија.

Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела Вода потврдува дека има интерес за сместување на проектот со студијата на подрачјето на Кисела вода

Како општина сме отворени за поддршка за секој инвеститор, нормално, согласно законите на Република Македонија, бидејќи една од нашите цели и стремежи се нови инвестиции и нови работни места на нашите простори“, стои во одговорот што градоначалникот на Кисела вода, Орце Ѓорѓиевски ни го испрати преку смс.

Барањето до македонската влада за добивање статус за стратешка инвестиција било поднесено во јануари минатата година. Но, барањето не е само за филмските студија. Се однесува на проект во кој студијата се замислени како составен дел од поголем Технолошки парк. Одговор дали целокупниот проект ќе добие статус на стратешка инвестиција, сè уште не добиле.

„Тоа што разочарува е што после сето ова време Владата никогаш не рече „не“, никогаш не ни одговори и не рече ни се допаѓа проектот, но сакаме да го смените ова или тоа или нешто друго, што ние секако би биле отворени да го разгледаме. Тие, едноставно не рекоа ништо, тврди Брнс.

Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања кон крајот на минатиот месец рече дека проектот сè уште се разгледува кај работна група за инвестиции.

Сè додека нема оценка за сите аспекти на можната, предложена идеја за инвестиција, тогаш Владата не може да носи одлука
Димитар Ковачевски, премиер на РСМ

„Доколку работната група оцени, согласно стандардите наведени во Законот за стратешки инвестиции, дека тој е добар проект, тогаш се поднесува до Владата. Сè додека нема оценка за сите аспекти на можната, предложена идеја за инвестиција, тогаш Владата не може да носи одлука“, рече Ковачевски

Според објаснувањата на Брнс, Технолошкиот парк во себе треба да содржи објекти за еден американски универзитет, студентски кампус, центар за кибернетска безбедност, бизнис инкубатори. Но, планирани се и објекти за сместување и за живеење. Тие, како што се тврди, треба да сочинуваат околу една четвртина од содржините во целиот комплекс.

„Но, тој простор е неопходен бидејќи, знаете, и хотел како што е неопходен, бидејќи кога доведувате голема филмска продукција, мора да имате каде да ги сместите луѓето. Ако имате студенти, ако градиме еден вистински американски универзитет овде, мораме да имаме простор за тие луѓе“, објаснува Брнс.

Приказ на проектот Skopje Technology Park

Улогата, пак на американскиот актер Џон Малкович, после чие обраќање до македонската јавност пред повеќе од една година почна да се зборува за проектот, не е поврзана со Технолошкиот парк. Така вели Брнс и посочува дека Малкович е поврзан како партнер само за Филмските студија.

Џон Малкович е рамноправен партнер во „Стоун бриџ“ студија. Тој нема никаков удел во 'Скопје технолоџи парк', ниту во кој било развој на недвижности
Ерик Брнс

„Џон Малкович е рамноправен партнер во „Стоун бриџ“ студија. Тој нема никаков удел во 'Скопје технолоџи парк', ниту во кој било развој на недвижности, ниту во која било конструкција на СТП (Skopje Technology Park). Тој ќе ни помогне да добиеме филмски договори, исто така, ќе го употреби неговото влијание во Холивуд да помогне во носењето проекти, исто како и Мет Дилон и Д.В. Мафет“, објаснува Брнс.

На прашањето, зошто се решиле да градат филмски студија токму на македонска територија, Брнс вели:

„Филмската индустрија сака да снима низ светот. Снимањето филм во САД е многу скапо. Овде е многу поевтино. Има енергична пост-продукциска индустрија во Северна Македонија, којашто веќе активно соработува со Холивуд. Голем дел од елементите што нам ни се потребни, во смисла на стручност, достапност до опрема и стручна работна сила веќе се тука, или се во близина“, смета Брнс.

Брнс додава и дека членството во НАТО игра клучна улога.

„Многу значи што Северна Македонија и Балканот се со Западот. Западот сега се појавува и вели, ние сакаме да инвестираме во Северна Македонија. Влеговте во НАТО, направивте многу жртви за да дојдете таму“, порачува соосновачот на проектот за филмските студија „Стоун бриџ“.

Како што тврдат од групацијата, инвестицијата за филмските студија би изнесувала околу 50 милиони евра, додека за технолошкиот парк се предвидени и до 400 милиони евра. Датуми за евентуалниот почеток на работите на терен, сè уште не се спомнуваат.