Државно политичкиот врв во Северна Македонија најостро го осуди обидот за атентат на Трамп


СКОПЈЕ - Државно политичкиот врв во Северна Македонија со остра осуда за обидот за атентат на претседателскиот кандидат Доналд Трамп и со пораки со поддршка и брзо заздравување.

Претседателката Силјановска, премиерот Мицкоски, спикерот Гаши како и лидерите на политичките партии Филипче, Ахмети и Димитриевски речиси со идентични пораки на социјалните мрежи осудувајќи го кукавичкиот напад.

„Во овие моменти на тага, шок и загриженост на американскиот народ, како претседател на Владата, упатувам изрази на најголема осуда за кукавичкиот обид за атентат врз претседателот Доналд Трамп. Истовремено, на претседателот Трамп и на повредените граѓани им посакувам побрзо опоравување и заздравување. Нашите мисли и молитви се со претседателот Трамп, со неговото семејство и со американскиот народ“, напиша премиерот Мицкоски на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Напад врз демократијата е ставот на претседателот на Собранието Африм Гаши.

„Обидот за атентат врз кандидатот за претседател, Трамп, е напад на демократијата и е осуден од сите нас кои веруваме во вредностите на демократскиот плурализам. На поранешниот претседател Трамп му посакувам брзо закрепнување, уверен дека САД имаат доволно сила да го надминат овој инцидент за да продолжат да бидат знаме на демократијата во светот“, напиша спикерот Гаши.

Лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Венко Филипче го осуди обидот за атентат и изрази сочувство до семсјтвата на загинатиот и повредените.

„Со големо жалење и длабока загриженост ја примив веста за обидот за атентат на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп. Го осудувам секој обид за насилство, ваквите акти на насилство немаат место во цивилизираното општество и претставуваат сериозен напад врз демократските вредности и владеењето на правото. Во овие тешки моменти на поранешниот претседател на САД, Трамп му испраќам искрени желби за брзо опоравување. Сочуство до семејствата и на другите настрадани“, стои во официјалното соопштение на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Порака со поддршка испрати и лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски кој кусо напиша – „волјата во човекот не може да се убие!“

Поддршка и осуда пристигна и од лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Најостро можно го осудувам обидот за атентат врз поранешниот претседател, Доналд Трамп. Сите сме покрај семејството на претседателот Трамп и американскиот народ. Насилството од каква било природа и форма е неприфатливо! Секој развој во САД го чувствуваме и го доживуваме заедно бидејќи американскиот народ за нашата нација е најголемиот поддржувач и симбол на слободата, демократијата, независноста и еднаквоста. Сочувство до семејството на жртвата и американскиот народ, а на повредените брзо закрепнување“ напиша Ахмети на „Фејсбук“.

Откако го преживеа обидот за атентат, претседателскиот кандидат Доналд Трамп најави дека ќе продолжи со кампањата и десетина часа откако во него беше пукано на бината во гратчето Батлер во Пенсилванија, пристигна во Њу Џерси.