Линкови за пристапност

Трамп е добро, велат од неговата кампања по истрелите на митинг во Пенсилванија


Републиканскиот претседателски кандидат поранешниот претседател на САД Доналд Трамп е опкружен со агенти на Тајната служба додека го носат во возило на предизборен митинг, 13 јули 2024 година, во Батлер, Пенсилванија.
Републиканскиот претседателски кандидат поранешниот претседател на САД Доналд Трамп е опкружен со агенти на Тајната служба додека го носат во возило на предизборен митинг, 13 јули 2024 година, во Батлер, Пенсилванија.

„Поранешниот претседател е безбеден,“ соопшти Тајната служба на САД

БАТЛЕР, Пенсилванија – Доналд Трамп е добро, соопштија од неговата кампања, откако тој брзо беше отстранет од бината на митингот во Батлер, Пенсилванија, откако се слушнаа истрели од огнено оружје.

„Претседателот Трамп им се заблагодарува на органите на прогонот и агентите за нивната брза акција за време на овој грозоморен чин“, рече Стивен Чеунг, портпарол на кампањата на Трамп. „Тој е добро и се наоѓа во локална медицинска установа. Ќе следат повеќе детали“.

Во соопштението на Тајната служба се вели дека „поранешниот претседател е безбеден“.

Поранешниот претседател и претпоставен републикански кандидат говореше за имиграционата политика и покажуваше табела со броеви на гранични премини за време на неговиот последен митинг пред отворањето на Републиканската национална конвенција в понеделник, а во тие моменти се слушнаа истрели од огнено оружје. Можеше да се види како Трамп посегнува со десната рака кон вратот. Се забележа крв на неговото лице.

Тој брзо се сокри под пултот за говор додека агентите од тимот за заштита се упатија кон бината за да реагираат. Пукотниците продолжија додека агентите се грижеа да го заштитат Трамп на сцената.

Додека агентите го носеа Трамп од бината до возилото толпата се поздравуваше со него, а тој во тие моменти ја крена раката и покажа тупаница.

Колоната која го превезуваше Трамп го напушти местото каде што се одржуваше митинг. Веднаш не беше позната неговата здравствена состојба.

Полицијата на терен почна со евакуација веднаш откако Трамп напушти

Претседателот Џо Бајден е информиран за инцидентот, соопшти Белата куќа.

Најстариот син на Трамп, Доналд Трамп Џуниор, објави фотографија на социјалната мрежа „Х“ од Трамп, со крената рака на која покажува тупаница и со крваво лице пред американско знаме, со зборовите: „Тој никогаш нема да престане да се бори за да ја спаси Америка“.

Гувернерот на Северна Дакота Даг Бургум, сенаторот од Флорида Марко Рубио и сенаторот од Охајо Џеј Ди Венс, тројцата мажи на потесниот избор на Трамп за потпретседател, изразија загриженост за поранешниот претседател, при што Рубио сподели фотографија од спроведувањето на Трамп од бината кон возило на која напиша: „Господ го заштити претседателот Трамп“.

Гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, демократ, рече дека бил информиран за ситуацијата и дека полицијата на сојузната држава Пенсилванија била присутна на местото.

„Насилството насочено кон која било политичка партија или политички лидер е апсолутно неприфатливо. За тоа, нема место во Пенсилванија“, рече тој.

XS
SM
MD
LG