Американските законодавци денес изјавија дека договорот за безбедноста на границите во замена за гласовите на републиканците за испраќање помош од речиси 60 милијарди долари за Украина е при крај, но најверојатно нема да биде објавен оваа недела.
Демократскиот сенатор Крис Марфи, еден од водечките преговарачи за договорот, им рече на новинарите денес: „Целиот свет гледа и поставува едноставно прашање: Дали САД се залагаат за своите пријатели? Дали САД се залагаат за демократијата? САД се залагаат за зачувување на поредокот по Втората светска војна? Или ние им вртиме грб на нашите пријатели, на демократијата и на меѓународните норми?“.
Дополнителното барање на Белата куќа од 106 милијарди долари, исто така, вклучува и финансирање за граничната безбедност, како и речиси 14 милијарди долари помош за Израел и финансирање на Тајван за борба против заканата што ја претставува Кина.
Лидерот на малцинството во Сенатот Мич Меконел, денес рече:
„Ова е единствена можност каде што поделената влада ни даде можност да добиеме исход. Практично сите мои членови им рекоа на своите избирачи долго време, треба да ја поправиме границата“.
САД посветија повеќе од 100 милијарди долари за вооружување и поддршка на Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година, а претседателот Џо Бајден побара од Конгресот да одобри уште 60 милијарди долари.
Републиканците во Конгресот стануваат сè поскептични во врска со потребата да се продолжи со преземање на средства за одбрана на Украина.
Пентагон на 27 декември објави нов пакет за безбедносна помош за Украина во вредност од 250 милиони долари, кој вклучува дополнителна муниција за ракетни системи земја-воздух, артилериски куршуми и повеќе компоненти за воздушна одбрана.
Пентагон има уште 4 долари милијарди достапни за да се обезбеди воена помош на Украина, но нема средства за надополнување на залихите на американската војска.
„Слушнавме извештаи од украинската влада, од украинското Министерство за одбрана и од нивниот Генералштаб, дека се загрижени, бидејќи веруваат дека единиците ги немаат потребните резерви и складишта и муниција“, рече Селест Валандер, помошник на секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни прашања.
Републиканците во Сенатот го условија одобрувањето на какви било дополнителни пари за Украина со истовремено зајакнување на правилата за имиграција со цел да се намали бројот на луѓе кои илегално влегуваат во САД на нејзината јужна граница и да протераат некои кои веќе се во земјата.
Според повеќе медиумски организации, околу 300.000 луѓе ја преминале границата меѓу САД и Мексико во декември 2023 година.
Дури и ако договорот помине во Сенатот, тој можеби нема да опстане во Претставничкиот дом, каде републиканците имаат многу тесно мнозинство.
Значајна група републиканци во Претставничкиот дом се противат на дополнителна помош за Украина, а партијата на почетокот на октомври изгласа спикер кој соработуваше со демократите за да го усвои законот.
Претходно овој месец, претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, предводеше делегација од 60 републиканци во Претставничкиот дом да ја посети границата меѓу САД и Мексико.
Републиканците предложија сопствена легислатива, H.R. 2, која ќе ја продолжи изградбата на граничниот ѕид, и ќе воведе нови ограничувања за барателите на азил.