Џејк Саливан разговарал со саудискиот престолонаследник да се стави крај на војната во Јемен

  • VOA

Во соопштението на Белата куќа се вели дека двајцата разговарале и за поддршката на Саудиска Арабија за американските граѓани кои се евакуираа од Судан по избувнувањето на борбите таму минатиот месец

Белата куќа соопшти дека советникот за национална безбедност Џејк Саливан разговарал за напорите за ставање крај на војната во Јемен на средбата вчера со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.

Во соопштението на Белата куќа се вели дека двајцата разговарале и за поддршката на Саудиска Арабија за американските граѓани кои се евакуираа од Судан по избувнувањето на борбите таму минатиот месец.

Саудиските државни медиуми соопштија дека разговорите се одржале во пристанишниот град Џеда и дека дискусијата вклучувала „стратешки односи“.

Белата куќа соопшти дека двајцата учествувале и во пошироки разговори со советниците за национална безбедност од Индија и Обединетите Арапски Емирати „за да ја унапредат нивната заедничка визија за побезбеден и просперитетен регион на Блискиот Исток меѓусебно поврзан со Индија и светот“.

Разговорите доаѓаат во време на затегнати односи меѓу САД и Саудиска Арабија. Изворите на таа тензија го вклучуваат убиството на колумнистот на Вашингтон пост Џамал Кашоги во 2018 година во саудискиот конзулат во Истанбул и намалувањето на производството на нафта од страна на групата ОПЕК + предводена од Саудиска Арабија.

Американските разузнавачки агенции оценија дека саудискиот престолонаследник ја одобрил операцијата за фаќање или убиство на Кашоги, што Саудиска Арабија го негираше.

Војната во Јемен започна во 2014 година кога бунтовниците Хути го зазедоа главниот град на земјата.

Саудиска Арабија започна воена коалиција на почетокот на 2015 година за поддршка на јеменската влада.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП и Ројтерс