Ден по изборот на влада во Софија, Брисел повика на завршување на уставните измени во Северна Македонија

Знамињата на Северна Македонија и Бугарија

Официјално Скопје веќе направи првични контакти со новоизбраната влада во Софија. „Пријателски разговор“, така шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцункси, ја нарече телефонската комункиација со бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев непосредно по вчерашниот избор на бугарската влада.

„Ја изразивме нашата решеност да го зајакнеме партнерството, да ја зајакнеме соработката и заеднички да придонесеме за регионалната стабилност и заеднички напредок“, објави Муцунски на социјалните мрежи по разговорот со новиот бугарски колега.

Софија доби политичка влада, а со тоа и се отвора патот за сериозен дијалог меѓу двете страни кој би требало да доведе до деблоката на пристапниот процес на земјава блокиран поради незавршените уставни измени. Денеска, само ден откако во Софија седна нова влада, Брисел преку својот врвен дипломат во Скопје ја прати пораката – сега е моментот што треба да се искористи, а новиот собрансикси состав да ги усвои уставните измени.

„Собранието не успеа да го постигне двотретинското мнозинство потребно да се направат измени во Уставот и да се вклучат граѓаните коишто живеат во границите на оваа држава, меѓу другите и Бугарите. Новиот собраниски состав треба да ја забрза својата работа и да продолжи со реформите коишто се неопходни за процесот на евроинтеграција на државата, вклучително и уставните измени. Би сакал да ве поттикнам да го искористите тековниот момент на наклонетост кон проширувањето. Има вистински моментум, има вистинска посветеност. Од наша страна сме посветени и подготвени да ви помогнеме да го изодите патот кон Европската Унија“, вели амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас.

Рокас, на седницата на советот за евроинтеграции, повтори дека на тој пат Македонија ќе ја има европската поддршка и дека, како што рече, има голема благонаклонетост кон земјава за да ги отвори преговарачките поглавја.

И опозицијата најави поддршка во пристапувањето кон ЕУ.

„Ќе бидеме, на некој начин, и контрола и поддршка на Владата во остварувањето на работите што се пред нас, пред сè во делот на реформската агенда. Добро е да се одржува консензусот за членство во Европската Унија. Сметам дека претставници на сите денес присутни политички и економски субјекти ќе дадат свој придонес во работата, поддршка на Владата во остварување на овој процес со цел навистина да се забрза процесот и дека во овој состав на Собранието и во овој мандат ќе се отвори првиот кластер“, рече Венко Филипче, претседател на Националниот совет за евроинтеграции.

Во дел од европските кругови има оптмизам дека и овој проблем со Бугарија ќе се надмине како што беше случајот со Грција.

TОНСКИ: ПАВО БАРИШИЌ (ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА МЕЃУНАРОДНАТА ПАНЕВРОПСКА УНИЈА) 31.26 „Граѓаните на оваа земја надминаа долготрајни отворени прашања со Грција и верувам дека истото ќе го направат и со Бугарија. Едностран пристап кој на македонските грашани им го негира правото на нивниот јазик, идентитет, како и тврдења дека македонската нација е вештачки создадена е неоправдано. Според таа логика, тогаш да се запрашаме, која европска нација не е вештачка“, рече Паво Баришиќ, генерален секретар на меѓународната паневропска унија

Позицијата на владата во Скопје е – уставни измени со одложено дејство. Се чека на официјалната позиција на новата бугарска влада, иако е извесно дека оваа опција е речиси невозможно да помине во Софија.