Делегација на САД ќе разговара за налогот за апсење на Путин во Хаг

Делегацијата предводена од конгресменот Мајкл Мекол, републикански претседавач со Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, ќе разговара со главниот обвинител на МКС Карим Кан

Делегација од американскиот конгрес ќе се сретне со главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг утре, и ќе разговара за наводите за воени злосторства против рускиот претседател Владимир Путин, изјави денес нејзиниот претседавач.

Делегацијата предводена од конгресменот Мајкл Мекол, републикански претседавач со Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, ќе разговара со главниот обвинител на МКС Карим Кан - најновиот знак за подобрување на врските меѓу Вашингтон и највисокиот светски суд за воени злосторства.

МКС во март издаде налог за апсење на Путин, обвинувајќи го за воено злосторство за незаконско депортирање на стотици деца од Украина.

Русија постојано негираше дека нејзините сили се вмешани во воени злосторства или дека насилно земале украински деца.

Мекол рече дека „30.000 деца се одземени од нивните семејства и индоктринирани во Русија“.

Вашингтон разгледува како може „да му помогне на Хаг да собере повеќе докази и разузнавачки информации за да го докаже случајот против Путин“, рече тој.

САД не се членка на судот, заедно со големите сили, вклучувајќи ги Кина и Русија, но американскиот државен обвинител Мерик Гарланд ненајавено беше во судот во јуни, прв од ваков вид.

Во јули, американскиот претседател Џо Бајден побара од неговата администрација да започне со споделување докази за наводните руски воени злосторства во Украина со МКС.

Вашингтон воведе санкции против највисоките претставници на МКС за време на администрацијата на Трамп, а потоа ги укина кога на власт дојде претседателот Џо Бајден.

Вашингтон ја поддржа работата на МКС во истрагата за воените злосторства во Украина откако Русија изврши инвазија во февруари 2022 година.

На прашањето дали има доволно докази за случајот за геноцид против Русија, која тврди дека води одбранбена војна против Западот во Украина, членовите на делегацијата ја споредија ситуацијата со нацистичката окупација на Европа за време на Втората светска војна.

„Кога се обидувате да избришете култура, народ и религија, тоа е дефиниција за геноцид“, рече Мекол.