Дали земјите-членки на НАТО ќе го забрзаат членството на Украина?

  • Хенри Риџвел

Земјите-членки на НАТО наредната недела ќе состанат во Вилнус, Литванија - воената поддршка за Киев е на врвот на агендата.

Обновената воена поддршка за Украина ќе биде на врвот на агендата – НАТО се подготвува за својот годишен дводневен самит на 11 и 12 јули во Вилнус, Литванија. Киев ја повика алијансата да ја забрза својата апликација за членство на состанокот.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг вчера потврди дека ќе го продолжи мандатот за уште една година, бидејќи Западот се обидува да го одржи единството во услови на руската агресија.

Брза лента

По војната, Украина официјално поднесе барање за приклучување кон НАТО во септември минатата година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика НАТО да понуди јасен и брз пат кон членство.

„На самитот во Вилнус ни треба многу конкретен и јасен сигнал дека Украина може да стане и има право да стане рамноправна членка на НАТО по војната“, рече неодамна Зеленски.

НАТО поддршка

Барањето на Украина има поддршка од неколку земјни – членки на НАТО, а меѓу нив се Велика Британија, Полска и балтичките земји. Домаќинот на самитот, литванскиот претседател Гитанас Науседа рече дека е важно сојузниците да му дадат јасен сигнал на Киев.

„Сите разбираме дека токму сега додека трае војната Украина не може веднаш да се приклучи на НАТО. Ние го разбираме тоа, Украинците го разбираат тоа. Но, ова треба само да се создаде коридор, процедури, алгоритам – како да се продолжи ако војната заврши или како што дозволуваат условите“, рече тој.

Членот 5

Сепак, некои сојузници во НАТО, меѓу кои САД и Германија, сè уште не го поддржаа брзото членство на Украина. Има неодговорени прашања, како на пример, како членот 5 на НАТО за колективна самоодбрана ќе се применува на земја во војна со Русија?

Фабрис Потиер, поранешен директор за планирање политика на НАТО во времето на генералниот секретар Андрес Фог Расмусен, вели дека сојузниците треба да бараат креативно решение.

„Можете да замислите договор каде што членот 5 ќе се применува само на неоспорната или слободната украинска територија, оние кои се под контрола на Киев, додека оние кои сè уште се оспоруваат - или со воени средства или политички, дипломатски - ќе бидат оставени надвор. Мислам дека ова е пореално сценарио. Затоа аргументот потребно е да се каже и да се започне тој процес во Вилнус“, изјави Потиер во интервју за Гласот на Америка.

Одбранбен буџет

Сојузниците на НАТО, исто така, ќе се обидат да се договорат за ново инвестициско ветување – да потрошат најмалку 2 отсто од својот годишен бруто домашен производ за одбрана, поради загриженоста дека некои членки не ја исполнуваат целта.

Шведска

Во меѓувреме, апликацијата на Шведска за влез во НАТО, поднесена заедно со Финска по руската инвазија врз Украина, продолжува да биде блокирана од страна на Турција, која го обвинува Стокхолм дека го засолнува она што Анкара го гледа како курдски терористи. Сојузниците се надеваат на пробив на самитот.

Кина

НАТО ја препозна Кина како предизвик за нејзината безбедност и вредности за првпат на минатогодишниот самит во Мадрид. Малку е веројатно дека западните сојузници дополнително ќе го заострат тој јазик и покрај политичката поддршка на Пекинг за Русија, вели Потиер.

„Сепак, она што мислам дека ќе биде важно во Вилнус е средбата со шефовите на држави кои не се членки на НАТО од Индо-пацифичкиот регион: Јужна Кореја, Јапонија, Нов Зеланд и Австралија, што мислам дека дополнително ќе сигнализира колку е ангажирана Алијансата, барем на политичко ниво, со партнерите-истомисленици во регионот“, изјави тој за Гласот на Америка.

Одговор на Пекинг

Заменик – директорот за информации во кинеското МНР го отфрли ставот на НАТО кон Пекинг.

„Во моментов, ситуацијата е генерално стабилна во Источното и Јужното Кинеско Море. Се надеваме дека релевантните земји ќе го разликуваат доброто од погрешното и ќе направат нешто погодно за регионалниот мир и стабилност и заемната доверба меѓу сите земји. Зборувајќи за самитот на НАТО, тој треба да се фокусира на играње конструктивна улога во одржувањето на мирот и стабилноста во Европа и светот, наместо да се поигрува со проблемите со Кина“, рече тој.

Сојузниците на НАТО, исто така, ќе се осврнат и на новите закани, вклучувајќи ги климатските промени, сајбер и вселенските технологии.