Американскиот претседател Џо Бајден денес рече дека неговата цел за време на разговорите со кинескиот претседател Шји Џјинпинг оваа недела е да ја обнови нормалната комуникација меѓу двете суперсили, вклучително и контактите меѓу војските.
Говорејќи пред новинарите во Белата куќа пред да замине за Сан Франциско, Бајден рече дека се обидува да ги промени односите на САД со Кина на подобро, по период на затегнати врски.
Бајден и Шји треба да се сретнат утре во Сан Франциско за време на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка.
Тоа ќе биде само втора средба меѓу двајцата лидери, откако Бајден ја презеде функцијата во јануари 2021 година.
Запрашан како би го измерил успехот на разговорите со Шји, Бајден рече:
„Да се вратиме на нормален курс, да се допишуваме и да можеме да го креваме телефонот и да разговараме еден со друг во криза и да можеме да се увериме дека нашите војски сè уште имаат контакт меѓу себе“.
На патувањето кон Сан Франциско, портпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби, им рече на новинарите дека Бајден и Шји ќе разговараат и за конфликтот Израел-Хамас во Газа, како и за напорите на САД да ја поддржат Украина во нејзината битка да ги одбие руските напаѓачи.
„Тие можат да бидат искрени еден со друг, јас целосно очекувам дека тоа ќе биде случај“, рече Кирби.
Тој рече дека Бајден „нема да се плаши да се соочи каде што е потребна конфронтација за одредени прашања каде што не гледаме очи во очи“, но, оти исто така ќе бара области за соработка, како што се климатските промени.
Бајден се сретна со кинескиот претседател Шји на маргините на самитот на лидерите на Г-20 во Бали, Индонезија на 14 ноември 2022 година.
Економските прашања беа високо на агендата.
Бајден рече дека САД не сакаат да се одвојат од Кина, туку сакаат да ги променат економските односи на подобро.
Тој рече дека ќе имаат корист сите ако просечниот граѓанин во Кина има пристојно платена работа.
„Но, нема да продолжам да ја поддржувам позицијата каде што за да инвестираме во Кина, треба да ги предадеме сите наши трговски тајни“, рече тој.
Кинезите ги прекинаа воените контакти со САД, откако поранешната спикерка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси го посети Тајван во август 2022 година.
Враќањето на контактите е главна цел на САД за да се избегнат погрешни пресметки меѓу двете војски.
Односите меѓу двете земји станаа замрзнати откако Бајден нареди да се собори во февруари кинескиот шпионски балон што прелета над САД.
Но, највисоките функционери на администрацијата на Бајден оттогаш го посетија Пекинг и се сретнаа со нивните колеги за да ги обноват комуникациите и довербата.