Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден и катарскиот емир Шеик Тамим бин Хамад Ал Тани разговарале за зголемување на пристапот до хуманитарна помош во Газа во телефонски разговор вчера.
„Двајцата лидери разговараа за итните напори да се обезбеди ослободување на сите преостанати заложници држени од Хамас, вклучително и американски државјани“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Катар и Египет посредуваа во краткиот прекин на огнот и размена на заложници меѓу Израел и Хамас кон крајот на ноември.
Сепак, сегашните дипломатски напори не успеаја.
Белата куќа соопшти дека израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер вчера се сретнал со државниот секретар Ентони Блинкен и со советникот за национална безбедност Џејк Саливан на разговори за неколку прашања поврзани со конфликтот во Газа.
Официјален претставник на Белата куќа рече дека Саливан и Дермер разговарале за транзиција во друга фаза од војната за да се фокусираат на високи цели на Хамас и планирање на денот по завршувањето на борбите, вклучително и управувањето и безбедноста во Газа.
Израелските сили извршија нови воздушни напади денес во појасот Газа, еден ден откако коментарите на израелските власти за проширување на копнените борби предизвикаа загриженост од Обединетите нации за безбедноста на цивилите.
Борбите денес вклучија израелски копнени операции и воздушни напади во градот Газа, во северниот дел на појасот Газа, каде Израел првично ја фокусираше својата кампања за елиминирање на милитантната група Хамас.
Проширувањето на борбите во центарот на Газа ги натера Обединетите нации во вторникот да изразат тревога поради израелските напади во кои загинаа повеќе од 100 Палестинци во период од два дена оваа недела.
„Силно сме загрижени поради континуираното бомбардирање на средна Газа од страна на израелските сили, кое однесе повеќе од 100 Палестинци за Бадник“, изјави во вторникот портпаролот на Канцеларијата за човекови права на ОН Сеиф Маганго.
„Израелските сили мора да ги преземат сите достапни мерки за заштита на цивилите. Предупредувањата и наредбите за евакуација не ги ослободуваат од целокупниот опсег на нивните обврски согласно меѓународно хуманитарно право“, рече Маганго.
Началникот на израелската армија им рече на новинарите, во телевизиска изјава во вторникот од границата со Газа, дека војната ќе трае „многу месеци“.
Израелската офанзива остави огромни делови од Газа во урнатини и уби речиси 21.000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа.
Борбите, исто така, го раселија најголемиот дел од 2,3 милиони жители на Газа, а многумина се обидуваат да најдат сигурност во преполните засолништа управувани од ОН во јужниот дел на Газа.
Израелската армија вчера соопшти дека 158 израелски војници биле убиени во Газа од почетокот на борбите во октомври.
Михаило Комадовски од Гласот на Америка придонесе за овој извештај. Дел оф информациите се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс