Американски и европски претставници денес го обиколија јужното украинско пристаниште Измаил, кое е важно за носење на украинското жито во светот и кое може да стане критично доколку истече договорот со Русија за дозволување извоз на жито од украинските пристаништа на Црното Море.
Амбасадорката на САД Бриџит Бринк, која им се придружи на претставниците на Украина и на ЕУ, како и на украинските компании за жито во разгледувањето на пристанишните капацитети, изјави за Асошиетед прес дека тие истражуваат начини за зголемување на извозот од пристаништата на Дунав.
Украинските резерви на жито се од клучно значење за милиони луѓе ширум светот, а денешната посета доаѓа откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров повторно оваа недела се закани дека ќе ја напушти Црноморската иницијатива за жито, договор постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција минатиот јули.
Договорот за жито помогна да се намали загриженоста за глобалното снабдување со храна, особено за земјите во Африка, Блискиот Исток и делови од Азија каде многумина веќе се борат со глад, но треба да истече на 18 мај доколку не се обнови.
„Нема време за губење“, рече Бринк.
„Русија изврши огромен притисок врз Црноморската иницијатива за жито со намерно и многу цинично контролирање и ограничување на бројот на бродови што можат да влегуваат и излегуваат, што значи дека луѓето на кои им е потребна храната не можат да ја добијат“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес го отвори прашањето за иницијативата за жито во разговор со кинескиот лидер Шји Џјинпинг, првиот познат директен контакт меѓу двајцата лидери од почетокот на војната.
Кина понуди да дејствува како посредник меѓу Киев и Москва, а во соопштението на вебстраницата на кабинетот на Зеленски се вели дека тој и Шји „искажале заедничка поддршка за потребата од правилно спроведување и продолжување на договорот“.
Украинскиот вицепремиер Олександар Кубраков, кој беше домаќин на Бринк заедно со претставници од извршната комисија на Европската унија и Комисијата за Дунав, рече дека новоизградените терминали во регионот секојдневно обработуваат илјадници тони земјоделски производи.
„Овој регион и неговите пристаништа станаа клучни за нас“, рече тој.
Извор: АП