Вашингтон го поздрави апсењето на Асанж

Американските законодавци го поздравија апсењето на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж во Велика Британија и побараа брза екстрадиција со цел тој да се соочи со обвиненија во САД.

„Време беше“ изјави за Гласот на Америка републиканскиот сенатор од Тексас Џон Корнин. „Мило ми е што тој конечно ќе биде изведен пред лицето на правдата“.

„Му благодариме на Господа.“ изјави демократскиот сенатор од Западна Вирџинија, Џо Манчин додавачи дека: „Ова беше навистина потребно. Многу сум им благодарен на нашите пријатели во Велика Британија.“

Асанж беше притворен откако Еквадор не го продолжи азилот во амбасадата во Лондон. Во САД, тој е обвинет за учество во заговор за компјутерски хакерски напад кое довело до тоа Викиликс да дојде до голем број тајни документи.

Веб страницата исто така објави голем број пораки од кампањата на демократската претседателска кандидатка Хилари Клинтон во 2016-та година, факт што го истакна демократскиот сенатор Ричард Блументал од Конектикат.

„Тој треба да биде екстрадиран и да се соочи со правдата“, вели Блументал. „Правдата треба да го стаса Џулијан Асанж за неговата улога во руското мешање во американските избори. Колку порано, толку подобро“.

Досега, Одделот за правда на САД го ограничи обемот на обвиненијата против Асанж за незаконско добавување на тајни информации.

Асанж кој е роден во Австралија себеси се опишува како свиркач, тврдење кое го негираат американските законодавци од двете партии.

„Крадењето е криминал. И заговор за кражба е криминал“ вели Корнин.

„Мислам дека со протекувањето на информации тој имал намера да направи штета“ вели Манчин.

Сенаторот од Западна Вирџинија додава дека, за разлика од Асанж, вистинските свиркачи се обидуваат „да ги заштитат луѓето за кои работат и институцијата во која работат.“

„Џулијан Асанж долго време тврдеше дека има високи идеали и морална супериорност“ вели сенаторот од Вирџинија Марк Ворнер. „За жал, без оглед на неговите намери кога го основал Викиликс, тој постана директен учесник во руските напори за поткопување на Западот и на американската безбедност“.

Ворнер додава дека се надева дека британските судови брзо ќе донесат одлука тој да биде префрлен во притвор во САД и конечно да се соочи со правдата“.

Републиканскиот сенатор од Небраска, Бен Саси согласен дека Џулијан Асанж одамна е алатка на Владимир Путин и руските разузнавачки служби. Саси вели дека „Тој заслужува да го помине остатокот од животот во затвор“.