Трамп е расист, лажливец и измамник, се вели во однапред подготвениот говор на Мајкл Коен, поранешниот личен адвокат на претседателот Доналд Трамп, до кој дојдоа медиумските организации. Тој денес јавно ќе сведочи пред Конгресот.
Вчера, пак, сведочеше зад затворени врати за бизнисот на Трамп и неговото однесување за време и по претседателската кампања во 2016-та година.
Во говорот на Коен се вели дека Трамп знаел и лажел за преговорите на неговата компанија за изградба на облакодер во Москва во текот на кампањата во 2016-та.
Коен, исто така, вели дека Трамп знаел оти неговиот советник во кампањата Роџер Стоун бил во контакт со Џулијан Асанж од Викиликс, во врска со објавувањето на хакираните електронски пораки на Националната комисија на Демократската партија, пред Викиликс да ги објави во јавност.
Коен нагласува и дека Трамп никогаш не очекувал да победи на изборите, и оти неговата кандидатура ја гледал како можност за маркетинг.
Во неговиот говор стои и детално објаснување за исплатата на парите за замолчување на порно актерката Сторми Даниелс и моделот на „Плејбој“ Карен Мекдугал.
Коен нагласува дека Трамп потпишал 11 чекови од неговата лична банкарска сметка додека бил претседател, и оти копијата од една од нив ќе ја достави во Конгресната комисија.
Тој не кажува дека има директен доказ за соработка меѓу кампњата на Трамп и Русија, но, вели дека се сомнева оти тоа е случај.
Укажува и на потенцијален доказ од разговорот на кој што бил сведок меѓу Трамп и неговиот син Доналд Трамп Јуниор. Вели дека верува оти темата била состанокот што требало да се случи во кулата „Трамп“, кој го вклучува и зетот на претседателот и сегашен советник во Белата куќа Џаред Кушнер, менаџерот на кампањата Пол Манафорт, како и руската адвокатка поврзана со Владата на Русија.
Трамп претходно негираше дека постојат докази за таков разговор, а пред вчерашното конгресно сведочење, на Твитер напиша дека навидум се обидува да се дистанцира од Коен.
„Мајкл Коен, за жал, беше еден од повеќето адвокати кои ме застапуваа. Тој лаже со цел да ја намали затворската казна“, напиша Трамп на Твитер.
Коен ќе стане сведок од највисок профил кој сведочел против претседател на функција од 1970-те години, по скандалот „Вотергејт“.
Facebook Forum