Американската шефица за финансии Џенет Јелен во понеделникот се сретна со кинескиот амбасадор во САД, Шји Фанг, пред тој на крајот на неделава да отпатува за Кина, како дел од напорите на администрацијата на Бајден за решавање на затегнатите односи меѓу двете држави.
„Искрената и продуктивна дискусија ги поддржа тековните напори за одржување на отворени линии на комуникација и одговорно управување со билатералните односи меѓу САД и Кина“, се вели во соопштението на американското оддел за финансии.
Управувањето со односите, работењето на прашања од заемен интерес и обезбедувањето тензии да не се претворат во конфликт – главни теми на разговорите меѓу високите функционери во последниве недели, вклучително и посетата на американскиот државен секретар Антони Блинкен на Пекинг претходниот месец.
Одделот за финансии соопшти дека во разговорите со Шји, Јелен „покренала прашања од загриженост, истовремено пренесувајќи ја важноста на двете најголеми економии да работат заедно на глобалните предизвици, вклучително и на макроекономските и финансиските прашања“.
Јелен треба да ја посети Кина од 6 до 9 јули на разговори со високи претставници.
Висок официјален претставник на одделот за финансии на САД во неделата за новинарите изјави дека САД сакаат здрави економски односи со Кина и дека целосното запирање на трговијата и инвестициите „би било дестабилизирачко и за нашите земји и за глобалната економија“.
Официјални лица рекоа и дека Јелен планира да разговара за загриженоста на САД во врска со новиот кинески закон за контрашпионажа.
Јелен се осврна на односите меѓу САД и Кина за време на говорот во април на Универзитетот Џон Хопкинс, каде кажа дека би било здраво да се има врска што поттикнува раст и иновации во двете земји.
„Кина која игра според меѓународните правила е добра за САД и светот“, рече Јелен. „Двете земји можат да имаат корист од здравата конкуренција во економската сфера. Но, здрава економска конкуренција – каде и двете страни имаат корист е одржлива само ако таа конкуренција е фер“.
Според Јелен, за доброто на глобалната стабилност, САД и Кина треба да соработуваат „на итните глобални предизвици во денешно време“.
Дел од информациите доаѓаат од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс прес.