„Промена на Уставот, ништо повеќе, ништо помалку“ – тоа е позицијата на каднидатката за нов еврокомесар за проширување за иницијативата што ја турка новата Влада во Скопје за уставни измени со одложено дејство.
Your browser doesn’t support HTML5
Марта Кос, која ако биде потврдена од Европскиот парламент, ќе го преземе овој за Северна Македонија, клучен ресор во новата Европска комисија, денеска се соочи со низа прашања од европратениците за тоа како планира да го води проширувањето, што мисли за некои од земјите кандидатки, но и како гледа на можноста за одложување на уставните измени на кои Северна Македонија се обврза летото 2022.
Прашањата до словенката Кос, за оваа тема, очекувано дојдоа од членови на Европскиот парламент од Бугарија.
Одговорот е јасен и одговорот е дел од овогодишните извештаи за проширувањето – очекуваме земјата кандидатка Северна Македонија ќе го промени Уставот како што вети, ништо повеќе и ништо помалку.Марта Кос, кандидатка за комесар на проширувањето на ЕУ
„Одговорот е јасен и одговорот е дел од овогодишните извештаи за проширувањето – очекуваме земјата кандидатка Северна Македонија ќе го промени Уставот како што вети, ништо повеќе и ништо помалку. Владеење на правото, почитување на човековите права, право на припадност на малцинства, повторно член 2, е основата. Оттука, очекуваме владата на Северна Македонија да го исполни ова барање.“, изјави Марта Кос, кандидатка за еврокомесар за проширувањето.
Бугарските европратеници - членови на комитетот за надворешни работи, не застанаа на ова прашање. Сакаа да ја чујат позицијата на Марта Кос за тоа како ќе се решаваат билатерaлните прашања меѓу земји членки и земји кандидатки, како што е тоа случајот меѓу Софија и Скопје, и дали таа, ако биде потврдена за еврокомесар за прошрување, ќе работи на тоа да се почитуваат правата на Бугарите во Северна Македонија.
„Исполнувањето на обврските г-дине Стојанов е многу важно. Кога зборувам за билатерилизација на можни спорови меѓу земји членки и земји кандидатки, интересот на земјите членки секако дека доаѓа прв. Она што јас го гледам, а тоа ќе биде моја работа ако бидам потврдена за еврокомесарка, јас и моите колеги ќе направиме се што можеме за да не увезуваме билатерални прашања во процесот на проширување. Но, имаме ситуација како во вашата земја кога сево ова е дел... Штом го имаме процесот на преговори имаме на располагање повеќе алатки како да им помогнеме на земјите кандидатки, но и на земјите членки да постигнат решение. Нема друг начин. Не можам да поставам датум колку долго ќе трае тој развој, но недоразбирањата треба да ги надминеме врз основа на нашите вредности.“, изјави Марта Кос, кандидатка за еврокомесар за проширувањето.
Кос која за да биде именувана за еврокомесар треба да ги помине комисиските филтри на ЕП како и гласање на пленумот на ЕП, ќе се соочи со тешка задача за одржување на динамиката во проширувањето, процес во кој Северна Македонија е блокирана токму поради незавршување на обврската за уставни измени за внесување на Бугарите.