Фон дер Лајен со повик за храбри одлуки во Северна Македонија и имплементирање на уставните измени

Урсула фон дер Лајен, на својата втора станица во балканската турнеја, повтори дека местото на Скопје е во Европската Унија, дека на тој пат Брисел ќе даде поддршка, но и дека Северна Македонија треба да ја исполни обврската што ја презеде.

Заокружување на процесот на уставни измени – тој повик денеска во Скопје го испорача шефицата на Европската комисија.

Урсула фон дер Лајен, на својата втора станица во балканската турнеја, повтори дека местото на земјата и е во Унијата, дека на тој пат Брисел ќе даде поддршка, но и дека Северна Македонија треба да ја исполни обврската што ја презеде.

Your browser doesn’t support HTML5

Урсула фон дер Лајен во Скопје

„Ние имаме јасна цел, а тоа е да се отвори кластерот темелни вредности што е можно поскоро. Речиси сме таму, знаеме дека станува збор за уставните измени за кои вашата држава се согласи дека ќе ги направи. Ни треба заеднички напор, соработка и дијалог, се надевам дека сите политички сили ќе се здружат во земјата и ќе ги направат потребните заеднички чекори за напредок и уверена сум дека можеме да ги надминеме пречките кои постојат. Драг Христијан, бидете сигурен дека проширувањето ќе остане врвен пориоритет на Европската комисија во следните пет години. Сега ги имаме сите потребни алатки и инструменти за тоа да го овозможиме.“, изјави Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Она што го слушна од домаќинот е дека новата влада останува посветена на патот на земјата кон членство во Унијата. Премиерот Мицкоски, во видоизменета и прилагодена форма, го кажа и она што со месеци го повторува – наоѓање решение поинакво од договореното – уставни измени за внесување на Бугарите, па отворање на преговарачките поглавја.

„Во овие услови на променета геополитичка ситуација во светот, нашата земја останува стабилен, сигурен и посветен партнер на ЕУ. Но, очекуваме Европската Унија заедно со нас да помогне во изнаоѓањето на начини како да продолжи нашиот европски интегративен пат, истовремено уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите на кои што почива самата ЕУ. Очекуваме од Европската Унија да го препознае нашиот напредок и да продолжи да ни дава поддршка во овој процес, многу е важна поддршката. Веруваме во принципот на фер и заслуги и верувавме дека нашите континуирани напори ќе бидат соодветно вреднувани.“, изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

Премиерот не беше јасен во одговорот дали на средбата фон дер Лајен покажала разбирање за неговата иницијатива за уставни измени со одложено дејство. Претседателката на ЕК беше попрецизна што мисли за овој предлог.

„Ќе ви помогнеме да ги спроведете обврските кои ги презедовте како суверена држава во секој чекор од патот. За мене е важно дека имаме многу јасна цел и работам колку што можам за отворање на првиот преговарачки кластер. Тоа ни е краткорочната цел. Секако, на уставните измени треба да се работи. За мене е многу важно и е од интерес на Северна Македонија да бидеме успешни.“, коментираше Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Ја пофали земјава за 100-процентната усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ, како и за реформската агенда чие спроведување ќе донесе 52 милиони евра до крајот на годинава, што е само дел од вкупно 750 милиони предвидени со Планот за раст. Го повтори и значењето на железничкиот Коридор 8 со земјава ќе се поврзе со Албанија и со Бугарија, проект кој оваа влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ го оспорува. Пред да ја продолжи турнејата кон другите држави од Западен Балкан, фон дер Лајен прати уште една порака не само до власта, туку до сите политички чинители.

„Мислам дека младите луѓе никогаш нема да ни простат ако не одговориме на овој предизвик. Затоа, ние сме решени дека треба да испорачаме во наше време и да направиме Северна Македонија да биде дел од нашата ЕУ.“, заклучи изјави Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.