Што по првиот изборен круг - ВМРО-ДПМНЕ влегува самоуверено, СДСМ очекува подобри резулати

Одзив на првиот круг на Претседателски избори 2024 во Северна Македонија.

Заврши славењето, песните и зурлите во дел од изборните штабови...

Но, и тмурната и празна атмосфера во другиот дел од штабовите.

Денот по првиот круг избори за претседател не донесе некоја промена во распоредот на освоени гласови.

Интерактивната мапа на Државната изборна комисија е доминантно портокалова – бојата на Гордана Силајновска-Давкова, кандидатката на опозицискиот блок која доби два пати повеќе гласови од актуелниот шеф на државата и кандидат на владејачкиот СДСМ, Стево Пендаровски, победувајќи го во 60 општини, некои познати како бастиони на социјалдемократите – скопски Центар, Струмица.

Your browser doesn’t support HTML5

Можен ли е пазар на политички гласови во пресрет на гласањето на 8-ми мај?

Тој е подобар од Силјановска само во две општини - Маврово и Ростуша и Крушево. Во вториот круг Пендаровски влегува со заостаток од 180 000 гласови, разлика која се смета за безмалку ненадоместлива, иако трката ја продолжуваат само двајца и иако дел од гласовите на останатите петтемина кандидати некаде сепак ќе завршат. Тоа пак ја отвора „сеозната на политичко-партиски пазар“ во пресрет на вториот круг на 8 мај, зашто тогаш влогот е поголем и поради парламентарните избори.

„Нема да барам договор со ниту еден политички субјект, ниту со еден од кандидат за механичко префрлање на гласови зашто тој концепт ми е тотално туѓ.“, Стево Пендаровски, кандидат за претседател.

Најголемиот победник – ВМРО-ДПМНЕ, водена од одличниот резултат за кој очекува да се преслика и на парламентарните избори, веќе почна да ја исцртува можната коалиција.

„Се слушнав со албанската опозиција, со господинот Арбен Таравари, му честитав на резултатот и му посакав успешни парламентарни избори и идна влада во Македонија“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО - ДПМНЕ.

Но, резултатот на претседателскиот кандидат на опозицискиот блок на албанските партии Арбен Таравари е за 40 000 гласови помалку од оној на Бујар Османи кој, неговата коалиција „Европски фронт“ ја нарече „локомотива“ и ја смести пак во власта.

„Оваа победа само докажува дека Фронтот за Европа станува голема локомотива за европската иднина на земјата.“, изјави Бујар Османи, кандидат за претседател.

Неговиот противник, коалиција „Вреди“ не смета така. Вели дека подобриот резултат на ДУИ се должи на валкани игри и валкани пари.

„Тие ќе бидат запишани со црни букви во историјата на албанскиот народ во Македонија зашто со нивните криминални гласови добиени со криминални пари успеаја нашиот кандидат да не оди во вториот круг.“, оцени Билал Касами од Коалицијата „Вреди“.

Речиси 84.000 гласови на контото на Максим Димитриевски го прават неговото движење ЗНАМ четврта политика сила во земјата и сериозен играч за и по парламентарните избори.

„Дефинитивно по завршувањето на парламантраните избори ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност на државата без кој нема да може да се формира идната влада.“, истакна Максим Димитриевски, кандидат на „ЗНАМ“.

А што во пресрет на вториот круг претседателски, но и парламентарни избори, ќе прави се уште владејачкиот СДСМ, кој вчера најмногу изгуби?

„Ова е само првиот круг од изборите. Вториот круг не очекува за две недели и ние чекаме многу подобри резултати.“, заклучи претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.