„Се кандидирам на изборите, не само да учествувам, туку и да победам.“, изјави Стево Пендаровски, кандидат за претседател на Северна Македонија.
Your browser doesn’t support HTML5
Актуелниот претседател денеска ја објави својата кандидатура за втор мандат за шеф на државата. Пендаровски, кој од 2019-та е на чело на Северна Македонија најави дека станува збор за граѓанска кандидатура и ги повика граѓаните, од недела, да дадат потпис за него во подрачните едници на ДИК.
Очекувам во мојот втор мандат да станеме членки на Европската Унија.Пендаровски, кандидат за претседател
Истиот ден – 3 март владејачкиот СДСМ на конвенција ќе ја официјализира поддршката за Пендаровски за претстојните претседателски избори. Зошто, тој пак се кандидира за врвната позиција во земјата?
Првата и главна причина е во тоа што зад себе имам мандат без ниту една стратешка грешка. Без ниту една корупциска афера и ниту еден случај на непотизам или судир на интереси, поврзани со мене, со моето семејство, со моите роднини, пријатели, или најблиските соработници.Пендаровски, кандидат за претседател
„Првата и главна причина е во тоа што зад себе имам мандат без ниту една стратешка грешка. Без ниту една корупциска афера и ниту еден случај на непотизам или судир на интереси, поврзани со мене, со моето семејство, со моите роднини, пријатели, или најблиските соработници. Бев национален координатор и ги предводев преговорите за членство на Македонија во НАТО и во мојот прв мандат станавме членки на Алијансата. Очекувам во мојот втор мандат да станеме членки на Европската Унија. Друга причинa се моите политики во сферата на меѓуетничките односи, кои се, биле и ќе бидат столб на внатрешната стабилност и кохезија на македонското општество. Јас сум Македонец, меѓутоa, не постои ниту еден единствен случај во изминативе пет години кога моето етничко потекло било причина некого да фаворизирам, или да деградирам. Структурата на моите соработници во Кабинетот, но и сите именувања кои ги направив во рамките на моите уставни и законски надлежности се потврда за ова што го зборувам. Третата причина е поврзана со втората. Во изминативе пет години покажав дека претседателот може да биде независен од било кои центри на политичка, или економска моќ во државата, вклучително и во однос на оние кои го поддржале на избори.“, изјави Пендаровски, кандидат за претседател на Северна Македонија.
Пендаровски очекува гласот за него да го дадат граѓани од сите заедници, иако е свесен дека во првиот круг ќе „трчаат“ и кандидати поддржани од партиите на Албанците и дека засега во прилог не му оди фактот што со владејачката ДУИ се разминаа за прашањето за законот за игри на среќа, кој тој не го потпиша.
„Ги очекувам гласовите од сите етнички заедница, како и во 2014-та. Тогаш, во врвот на автократијата на ВМРО-ДПМНЕ и со ДУИ во владата, јас освоив 35 000 гласови од Албанците, без каков било политички договор. Значи, имало граѓани од сите етнички заедници кои ме гласале и се надевам ќе ме гласаат. Поинаку и не можам да ја замислам улогата на функцијата претседател на сите граѓани.“, изјави Пендаровски, кандидат за претседател на Северна Македонија.
Тврди дека не размислува за тоа кој би бил потенцијален посакуван противкандидат во вториот круг. За сите останати кандидати вели дека ги почитува и дека со сите има коректни односи, иако изјавите на дел од нив за ревизија, или поништување на Рамковниот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија ги смета за обид за кревање на рејтингот.
Засега, во претседателската трка се и Гордана Силајновска-Давкова зад која застанаа 30 пратенички потписи од ВМРО-ДПМНЕ и која ќе се официјализира на утрешната партиска конвенција, како и кандидатите на ДУИ, на опозициските партии на Албанците и на За наша Македонија, Бујар Османи, Арбен Таравари и Максим Димитриевски кои веќе собраа по 10. 000 потписи од граѓаните.
Блиску до прагот се и кандидатите на Левица и на ГРОМ, Билјана Ванковска и Стевчо Јакимовски. Бројот на претенденти најавува интересна битка за претседателската функција во земјата.