Американскиот државен секретар Антони Блинкен е во Албанија, а потоа заминува за Германија на Минхенската безбедносна конференција.
Меѓу прашањата со кои најверојатно ќе се соочи во Европа е застојот на воената помош за Украина во Претставничкиот на САД и коментарите на поранешниот претседател Доналд Трамп кој се заканува дека ќе се откаже од некои сојузници во НАТО доколку биде реизбран.
Your browser doesn’t support HTML5
Додека Русија продолжува да ги напаѓа Харков и други украински градови, експертите предупредуваат дека одбивањето на претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон да дозволи гласање за пакетот помош за Украина, Израел и Тајван, резултира со жртви, а Киев има недостиг од работна сила и муниција.
Претседателот Џо Бајден објасни што е во залог, велејќи дека поддршката на законот за воена помош испраќа клучна порака до рускиот претседател Владимир Путин.
„Ако не го запреме апетитот на Путин за моќ и контрола на Украина, тој нема да се ограничи само на Украина. А трошоците за Америка и нашите сојузници и партнери ќе се зголемат. За републиканците во Конгресот кои мислат дека можат да се спротивстават на финансирањето на Украина и да не бидат повикани на одговорност - историјата гледа“, изјави Бајден.
Наспроти ова, државниот секретар Антони Блинкен е на прво патување во Албанија, а потоа заминува за Минхенската безбедносна конференција.
Тој планира билатерални средби со неговите колеги од Германија, Украина, Индија и голем број други земји, вклучително, можеби и Кина.
Некои коментари на веројатниот републикански претседателски кандидат, поранешниот претседател Доналд Трамп, се закануваат да ги засенат разговорите за безбедноста.
Трамп минатата недела рече дека еднаш и рекол на членка на НАТО дека нема да заштити одредени сојузници од Русија и дека постојано вршел притисок врз републиканските членови на Конгресот да не одобруваат помош за Украина.
Во средата во Стејт департментот, Гласот на Америка праша дали внатрешната политика на САД ќе го стави Блинкен во тешка позиција во Минхен. Портпаролот Метју Милер изјави дека „сигурен сум дека во Минхен ќе слушнеме директно од странските лидери дека гледаат со внимание што прави Конгресот. Знаеме дека украинскиот народ очекува исход, а како што рече претседателот, историјата ќе потсети“, оцени Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Републиканските законодавци се поделени околу континуираното американско финансирање за Украина.
Републиканскиот конгресмен Пит Сешнс изјави за Гласот на Америка дека САД ѝ ветиле на Украина поддршка.
„Демократите во Сенатот го усвоија она што јас го сметам за добар закон за финансирање за снабдување на Украина со нејзините воени потреби. Заклучокот навистина е за Украина - ним им треба помош со артилерија и вооружување со кои се снабдуваат САД“, изјави републиканскиот конгресмен Пит Сешнс.
Во вторникот, Сенатот каде мнозинство се демократите, со дво-партиска поддршка, го усвои законот за странска помош од 95 милијарди долари, кој вклучуваше 60 милијарди долари за Украина.
Сешнс рече дека верува оти Конгресот ќе успее да го усвои нацрт-законот за помош „на еден, или на друг начин“.