Ситуацијата во Северна Македонија е стабилна и надлежните институции засега немаат сознанија за можни закани – заклучи Советот за безбедност на денешната седница. Состанокот следи по ескалацијата на судирите на Блискиот исток и случувањата на северот на Косово.
Your browser doesn’t support HTML5
На седницата на која, покрај членовите на ова тело, учествувале и директорите на Агенцијата за национална безбедност и директорот на Агенцијата за разузнавање, кои реферирал за состојбите.
Како членка на НАТО, Република Северна Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците по однос на активности кои се преземаат за зајакнување на безбедноста во евроатлантскиот просторКабинет на Пендаровски
„Надлежните претставници на институциите информираа за тековните безбедносни прашања поврзани со земјата и поширокиот регион, вклучувајќи ја руската агресија врз Украина, случувањата на Блискиот Исток и состојбата на северот во Република Косово. По однос на безбедносната состојба во државата, беше оценето дека таа е стабилна и дека нема индиции кои укажуваат на можно нејзино загрозување. Како членка на НАТО, Република Северна Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците по однос на активности кои се преземаат за зајакнување на безбедноста во евроатлантскиот простор“, пишува во соопштението од претседателскиот кабинет по завршувањето на седницата по која немаше изјави.
Сепак и покрај стабилната ситуација, Советот за безбедност констатирал дека има потреба „надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија со цел навремено преземање на мерки и активности од нивна надлежност“.
Прашањето за можно влијанието на конфликтот меѓу Израел и Газа врз Западен Балкан се отвори и на денешниот брифинг на кој учествуваа претставници на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.
„Многу зависи од тоа како ќе се одвиваат настаните – дали ќе траат долго или кратко. Ако ескалираат и ако се вклучат и трети страни во конфликтот меѓу Хамас и Израел тоа ќе има влијание врз Западен Балкан и ќе има одредена поддршка дали за едната или другата страна. Минатата недела бев во Босна и Херцеговина каде учествував на конференција и се отвори ова прашање. Во федерацијата Босна и Херецговина има масовна поддршка за Палестина и таа е по верска основа.“, изјави Златко Апостолоски, Национален координатор за спречување насилен екстремизам.
Апостолоски не ја исклучува можноста одредени структури во земјава да агитираат за привлекување македонски граѓани за тие да се приклучат во актуелниот конфликт како што тоа беше случајот со Ирак и Сирија. На прашањето „дали службите забележале ваква организирана форма на мобилизирање“ – тој одговара дека се уште е рано.