Линкови за пристапност

Џафери повикува на договор за изборите, според Мицкоски премиерот бега од соочување


Талат Џафери со нов повик до политичките партии навреме да се договорат за термините за одржување на претседателските и парламентарните избори предвидени за наредната година. Претседателот на Собранието, во чија надлежност е распишувањето на изборите, денеска алармираше дека роковите се наближуваат.

„До Нова Година треба да имаме консензус по однос на претседателските избори, парламентарните избори се друга приказна и важат други процедури и други рокови и има време до февруари, март. Ако партиите немаат согласност и калкулираат, јас тоа нема да го оставам така, нема да дозволам да се излезе надвор од она што е пропишано. Должен сум тоа да го направам и да обезбедам дополнително време за да не останеме без претседател“, рече Џафери на денешниот брифинг со новинари.

Според него потенцијален датум на кој во ист ден може да се одржат и парламентарните и вториот круг од претседателските избори, опција за која навива опозицијата, е 8 мај, зашто веќе на 12 мај треба да се одржи инаугурацијата на шефот на државата.

Претседателските избори се одржуваат во последните 60 дена од мандатот на актуелниот претседател, а тоа значи дека станува збор за периодот од средината на март до 8 мај. Парламентарните избори, пак, според изборниот законик, се одржуваат „секоја четврта година во последните 90 дена од мандатот на претходниот пратенички состав, или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието“.

Лидерот на опозицијата денеска, пак побара од владејачкото мнозинство да се договори кога и каде би се сретнале партиите и, на ниво на работни групи, би ги договарале модалитетите за изборите. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ притискаат за споени избори со образложени зошто граѓаните, во иста година, двапати да плаќаат.

„...ВМРО-ДПМНЕ нема проблем, со работна група, ќе присуствува на тие состаноци. Не е само терминот проблем, бегаме од суштината, зборуваме за дрвото, а не ја гледаме шумата. Имаме сериозни препораки од ОБСЕ/ОДИХР кои треба да се имплементираат во изборниот законик. Некој е кукавица, не сака да излезе и да се соочи со граѓаните, но мора да излезе. Уставот и законите се такви – мора за неколку месеци да имаме избори. Бега од дуели, од дебати, од новинари, бега од предвремени избори, да се биде кукавица е карактер и ги разбирам, не треба да се срамат од тоа, има плашливи луѓе кукавици и тоа е карактер не се менува на 47, 48 години. Но мора ова да го направиме ако навистина се грижиме за интересот на граѓаните и за развојот на Македонија како држава. Ме прашавте дали е 5 или 8 мај, јас и во мојот говор кажав, ете му бел лист хартија нека седне нека напише датум“, рече Христијан Мицковски.

Позицијата на власта е дека претседателските и парламентарните избори треба да се одржат во предвидените законски рокови.

Наспроти притисокот на опозицијата за двојни избори, власта, се уште не се откажува од иницијативата за уставни измени иако е повеќе од јасно дека политички консензус за тоа нема. Премиерот пак повика на поддршка на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

„Во ваква ситуација ако не се донесат потребните одлуки во овој парламент, ако не се осигура европскиот пат, ние каква порака праќаме кон нашите стратешки партнери. Ќе се покаже неодговорност кон нашите граѓани кои заслужуваат да си живеат во своја европска држава. Сега е моментот на заеднички интерес – и кога и ЕУ има потреба од нас и ние од ЕУ. Јасно е дека ова е историска шанса. Затоа и европските партнери и САД ова го нарекуваат историска шанса...“, рече премиерот Ковачевски.

Таква порака – дека сега е шансата која Македонија треба да ја искористи се очекува да испорача и шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која на почетокот на идната недела доаѓа во Скопје.

XS
SM
MD
LG